05. 06. 2020 12:03

Шестоодделенци направија „античка гозба“ за домашна онлајн задача

Шестоодделенци направија „античка гозба“ за домашна онлајн задача

Учениците од шестите одделенија од Основното училиште „Крсте Мисирков“ од Куманово, направиле јадења по антички рецепти во рамките на практичниот дел од наставата по предметот класична култура во европската цивилизација.

Учениците добиле задача да истражат како се хранеле некогашните народи, да направат дел од нивните рецепти, а воедно да научат нешто повеќе за древните култури. Идејата била одлично прифатена, а децата се забавувале додека ги приготвувале јадењата од античката кујна.

Професорката Марина Крстиќ, која го предава предметот Класичка култура во европската цивилизација, вели  дека во време кога децата се соочуваат со нов начин на образование, кога од клупите се преместени во нивните домови и им паѓа интересот за учењето, мора да се бараат начини да се задржи нивното внимание. Таа ги потикнува да учат на многу забавен и едукативен начин, а резултатот е очигледен, бидејќи децата приготвиле стотина, најразлични антички јадења.

„Програмата по која работиме ни дозволува и малку креативност и иновативност. Во однос на часот готварство уште од самиот почеток, некако најлогично ми беше тоа за кое учиме да пробаме и да го видиме на дело, т.е. да го вкусиме, па така во предвидениот час за вежби почнавме со реализација на „античка гозба“ која стана дел од начинот на едуцирање“, вели професорката.

Учениците имале околу една недела за да истражуваат за античките рецепти, да се советуваат дома со повозрасните и да направат нешто вкусно од продуктите што ги имаат. Таа како помош им посочила некои сајтови, книги каде можат да бараат и на што да обрнат внимание, а потоа ги оставила сами да експериметираат.

„Во приготвувањето на јадењето учествуваа сите ученици, без исклучок. Имаше исклучително вешти деца во готварството, а особено ако им помагаа мајките и бабите. Ги споделија своите кулинарски способности, разменија искуста, разменија рецепти, го пробуваа својот специјалитет“, раскажува низ насевка професорката Марина.

Таа вели дека античката кујна значително се разликувала од македонската, бидејќи станувало збор за поздрав начин на исхрана. Античките луѓе порано јаделе повеќе житарки, риба, овошје и зеленчук, бело брашно речиси и да не употребувале, бидејќи било скапо. Немале шеќер, па затоа засладувале со мед ...

„Додека бевме помеѓу клупите, овие јадења ги донесувавме во училиште, па се ставаа на споени маси и се правеше вистинска античка гозба што е уште еден интересен момент за нив. Учат преку забава. Но, иако оваа година ова го правевме преку камера, сепак учениците повторно покажаа голема заинтересираност. Треба да ги прашам родителите, дали после ова им се пројавила некоја желба за кулинарство“, додава неуморната професорка.

Оваа година, од античката кујна, најпопуларен им бил жртвениот леб „либум“, а како десерт најголем број од децата го подготвиле „дулциа доместика“.

„Оваа година најпопуларен ни беше жртвениот леб од античката римска кујна „либум“, кој за да се зготви потребни ви се: 600 гр. сирење, 1 јајце, 300 гр. пченично брашно и ловорови ливчиња за печење. Подготовка: најпрво, состојките се мешаат во сад, па се меси смесата и се дели обично на 4 помали топчиња. Во тава се ставаат малите лепчиња врз ливчиња од ловор и се печат околу 40-45 мин на 200 степени. А како десерт имаше повеќе ученици кои го приготвиле „дулциа доместика“ за кој се потребни: 400 гр. урми, 150 гр. ореви, 2 мали лажички мелен бибер, 200 гр. мед и малку сол. Урмите се чистат од семки, а во нив се става измешана смеса од ореви, мед и бибер. Може да се наредат и на стапчиња“, раскажува за рецептите професорката.

За предметот класична култура на европските цивилизации, тие најчесто ја користат платформата Зум, а околу предностите кои ги нуди онлајн наставата таа вели дека не се многу, но од аспект на професорската работа, не носат „еден тон“ работи во училиште.

„Во ова време на глобална пандемија со коронавирусот, најважно ми е децата да ги научам да ги ценат семејните вредности и семејната заедница како колективна единка, преку која може да се постигне и достигне се`. Преку заедничко учење и труд да се запознаат себеси и потесното семејство“, завршува професорката.

Ова е само една од многуте интересни онлајн активности кои учениците заедно со оваа професорка ги прават и ги поминуваат деновите додека се дома, со цел да се заштитат од вирусот. Тие претходно правеле и античка облека и накит, мозаици, макети од антички градби, вајале минијатурни скулптури, цртале вазни итн.

(Фросина Марковска)

Шестоодделенци направија „античка гозба“ за домашна онлајн задача

2008 - 2019 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk