500x100-1
13. 01. 2020 13:43

Сировари, џамалари и празнувањето на Василица во кумановско

Сировари, џамалари и празнувањето на Василица во кумановско

Според Јулијанскиот календар, вечерва на полноќ настапува Православната нова година, додека пак утре на 14 јануари се празнува Василица.

Во кумановскиот регион на денот на Стара нова година, почнувајќи од појавата на мрак, па сѐ до вечерните часови околу 20 или 21 часот, низ селата од куќа на куќа одат сировари кои со себе носат „тропатала“, односно закачено ѕвоно на прачка. Тие собирале разни производи од домаќините, почнувајќи од брашно, ореви, јаболко, месо, свинска маст, па сѐ до ситни пари. Дел од собраните производи, како што кажуваат постарите, подоцна некои од нив ги продавале за да „дојдат до некоја паричка“, а некои од нив си ги носеле дома за себе.

Порано сироварите биле и до триесет годишна возраст, а со себе носеле и магаре на кое ги ставале собраните производи, затоа што во тоа време домаќините биле особено дарежливи, па се собирало храна и со вреќи, додека пак особено познати по магарето биле Станко и Здравко од населбата Ајдучка Чешма.

Сироварите порано оделе во поголеми групи од дваесет до триесет луѓе, а некои дури биле и маскирани. Од стемнување па сѐ до осум или девет часот вечерта, на портите на домаќините или на нивните прагови пред куќата можеле да се појават возрасни луѓе маскирани како снашка, младоженец, свекор, свекрва, ѓавол итн., односно тие се маскирале во она што со векови било најзастапено низ традицијата. Постарите велат дека овие сировари биле вистинска атракција кои едвај чекале да им отвори домаќинот за да му побараат малку ракиичка или пак брашненце, а потоа да ги извикаат во дворот, па и да им кажат некој „циркус“. А пак невестата, која најчесто била маскиран маж била задолжена за собирање на пари, но притоа морала и да му ја бакне раката на домаќинот, бидејќи била во улога на „млада невеста“. Сироварите исто така знаеле и да прават особена врева, па дури и да играат ѓаволско оро со кое сакале да ги заплашат духовите за да избегаат, но како што се кажува низ нардот, сепак во кумановскиот крај и тоа било пропратено со смешни мигови, затоа што не само начинот на зборување туку и начинот на нивната игра бил со комични елементи. Песните коишто се кажувале за овој празник, како и за Бадник, немале некоја особена мелодија туку се кажувале со скандирање, особено бил повишен гласот на почетокот и на крајот на песната, со цел да се „разбудат домаќините“ и да се сетат на традицијата.

Додека пак за Василица која се празнува на 14 јануари карактеристични се обичаиите кои ги изведувале џамаларите, особено во село Орашац, кое се наоѓа на околу 12 киломери оддалеченост од центарот на градот. Во ова село, како што кажуваат жителите, сѐ уште се обидуваат да ја сочуваат оваа традиција на која ѝ се заканува изумирање. Тие подготовките за одлежување на овој ден ги прават една недела пред празникот Василица,  а и тие како и сироварите собирале повеќе производи, но со парите соберени од продаденото се купувало некој подарок за спомен, а останатите пари се давале на црквата или месната заедница.  Како што велат жителите на село Орашац и кај нив џамаларите се маскирале и се кажувале шегобијни песни, за кои знаат дека Господ ќе им прости, затоа што се во функција на сочувување на некогашната традиција и развеселување на човековото срце полно со грижи.

Сепак, иако во најголемиот дел од кумановско лепчето со паричка се крши за Бадник, претставниците на христијанската црква велат дека тоа треба да се случува на Василица. А пак овој празник се поврзува со Свети Василиј Велики, чии податоци потекнуваат од четвртиот век и се смета дека тој е еден од најголеите црковни учители во тоа време. Василиј бил голем христијански философ кој бил роден во Кападокија, а училиште завршил во Атина. Според легендата, некој човек секогаш доаѓал кај истото население и од луѓето барал да му дадат преголем данок, па Свети Василиј Велики откако видел дека луѓето се „дават“ во сиромаштија, побарал од поимотните да дадат кој колку има злато за да му се даде на човекот и тој да не бара од сиромашните. Откако било собрано златото и му се понудило на човекот кој собирал данок, тој се посрамил и никогаш повторно не се вратил во истото место. Па така, Свети Василиј Велики побарал да се направат лепчиња и во лепчињата да се стават златниците, а истите да се поделат на населението. Оттогаш, па до сега лепчето е симбол не само за среќа и бериќет туку и за взаемно помагање, а паричката која ќе му се падне на некој од семејството се верува дека треба да се чува во текот на целата година, оставена покрај икона.

Воедно, за овој празник во Куманово карактеристично е и правењето на качамак од пченкарно брашно и свинско маст, а декорирано со свински чварки.  

    (Фросина Марковска)

2008 - 2019 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk