×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Словенечките и кумановски пчелари заеднички против производителите на неквалитетен и фалсификуван мед

    24.09.2024 12:19 | Оливера Пешевска

    Заеднички настап  против производителите на неквалитетен и фалсификуван мед, како и размена на искуства во одгледувањето пчелни семејства и висококвалитетно производство на мед биле главните теми на заедничката средба на кумановските пчелари од Здружението „Пчела“ со нивните колеги од Словенија кои престојуваа во кумановскиот регион.

    Словенечките и кумановски пчелари заеднички против производителите на неквалитетен и фалсификуван мед

    Околу 50 словенски пчелари, предводени од претседателот на Пчеларскиот сојуз на Совенија, Боштијан Ноч , кој воедно е и претседател на  Европскиот сојуз на пчелари, го посетиле пчеларникот на Бобан и Сашо Стошевски во Драгоманце. Тие одржале и состанок   каде станало збор за напливот на мед со сомнителен квалитет и начинот како да се спречи нивното присуство на пазарот.

    Заклучокот на искусните пчелари од двете држави  бил дека само со едукација на купувачите и јавноста, но и на самите производители за нормативите и правилата за собирање на мед ќе се одржи високо ниво на квалитет, но и довербата кај купувачите. А притоа да се започне со „прочистување“ на сопствените редови.

    „ Во здружението во Куманово имаме 130 члена, а можеби има 150 пчелари кои не се наши членови. Секако дека меѓу 300 лица можно е да има секакви производители, иако јас не можам да посочам конкретно никого. Но, сум слушнал дека мал производител, со мал број на кошници, продава мед цела година, што едноставно е невозможно“, објаснува Бобан Стошевски, претседател на Здружението на пчелари „Пчела“ од Куманово, домаќин на настанот.

    На заедничкиот состанок било  потенцирано дека најбитно е активното  вклучување на државните институции , како што се  инспекциите и  агенциите за контрола на квалитет и дека само со заеднички напори може да се стави крај на малверзациите на пазарите.

    Словенечките пчелари го застапуваат и пропагираат правило, да се купува мед од човек кој го познаваш, а претседателот Ноч ја потенцирал важноста на етаблирање на пчеларите најпрвин на домашниот локален пазар.

    „Иако се земја членка на Европската унија и соработуваат со колегите од другите земји на простор без граници,словенечките пчелари се  најконцентрирани на домашниот локален пазар. И таму и тука важи правилото - за да сте сигурни во квалитетот на медот,  купувајте од производител што го познавате и во кој имате доверба“, го потенцира заедничкиот став Стошевски.

    Посветеноста на локалното производство и локалните потрошувачи, Стошевски го  илустрира со примерот на  Јожо Штркељ, 80-годишен пчелар од Словенија .

    „За секоја организација околу престојот во кумановскиот крај, инсистираше да се ангажираат кумановски превозници и локални сместувачки капацитети. Исто и во однос на храната, беше испланирана целосно органска трпеза, со земјоделски и сточарски производи на жителите од Драгоманце, Врачовце и Младо Нагоричане,кои заедно со членовите на здружението и нивните семесјтва, учествуваа и во подгототвката на локалните специјалитети “, објаснува Стошевски.

    На состанокот на пчеларите присуствувал и амабасадорот на Република Словенија во Македонија, Грегор Пескар, пчелари од Пчеларското здружение „Пчела“ од Куманово, претставници од здружението „Матица“ од Скопје, како и претседателот на Сојузот на пчеларски здруженија од Македонија , Менде Трајковски од Битола.

    За пречекот и презентацијата на производителите на мед, кумановските пчелари добиле највисоки оценки од словенечките колеги и добиле покана за посета на словенечкиот  саем на мед, кој традиционално го организираат во мај.

    Пчеларите од Куманово, пак, немаат време за одмор и веќе се подготвуваат за традиционалниот саем на мед, кој е закажан наредниот викенд, во пресрет на празникот „11 Октомври“.