Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во кумановските основни и средни училишта започна испраќањето на смс пораки на родителите за оценките и отсуствата од часови на учениците.
Обврската е дадена на класните раководители, кои се задолжени да ги ажурираат телефонските броеви и активните мејл адреси на родителите и истите да ги внесат во е - дневник.
- Пред недела дена почна праќањето смс пораки. Кај мене во училиште можам да кажам 60 отсто од родителите веќе добиваат информации, но има дел од родителите кои дале погрешни броеви или воопшто немаат телефонски броеви. За промени на оценките на децата квартално ќе бидат известувани - вели Лидија Костиќ, директор на ОУ“Христијан Карпош“.
И во ОУ “Вук Караџиќ“ функционира праќањето смс пораки до родителите. На последните родителски состаноци дел од родителите биле задоволни од воведувањето на оваа реформа, а дел биле незаинтересирани со образложение дека немаат време да ги проверуваат мејловите.
Соработката со родителите е веќе почната, тие се јавуваат и оставаат броеви. Сепак личните средби со класниот раководител се поефективни јас мислам бидејќи смс порака родителот може да ја занемари. Сме биле и ние ученици и знаеме дека не е исто ако сосед каже дека сме добиле слаба оценка и кога родител ќе отиде во школо - рече Драгиша Цветковиќ, директор на ОУ “Кочо Рацин“.
Од Министерството за образование соопштија дека на ниво на држава се испратени 143.000 смс пораки до родителите и старателите на учениците.