Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Жителите на планинските села на границата со Србија, покрај тоа што имаат проблем со недостатокот на храна за семејствата, при крај се и со резервите на храна за добитокот.
Селата Длабочица, Дејловце, Буковљане, Мгленце, Цветишница, Аљинце, Брешко и Дренак, речиси еден месец се отсечени од светот и немаат продни патишта. Жителите на овие села, главно сточари, велат дека не сеќаваат кога последен пат се соочиле со ваква снежна зима.
Од Божиќ навака сме завеани. Снегот постојано паѓа и нема изгледи дека ќе престане. На одредени места снежната покривка изнесува и над 1 метар. За луѓето и ќе се најде храна некако, сите имаме брашно и тоа што недостасува може да се донесе во торба, но што ќе правиме со добитокот ако потрае студот и ако не се исчистат патиштата. Амбарите и плевните ги испразнивме, резервите со храна се при крај, а немаме можност да донесеме нова- вели сточар од Мгленце.
Советот на Општината Старо Нагоричане завчера одржа вонредна седница на која било донесена одлука кризниот штаб да употреби дополнителна тешка механизација за да ги исчисти најкритичните патни правци кон селата. Иако екипите се секојдневно на терен снегот постојано паѓа и повторно ги затрупува. Општината очекува помош од државата во справување со проблемот, бидејќи нема капацитет сама да го реши.