Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Кумановското културно лето ќе заврши неделава со пет големи фестивали и концерти кои ќе се одржуваат на Градскиот плоштад во Куманово.
Од вторник до сабота ќе одржат рок- метал концертот „Кенга Епике“, Меѓународниот фолклорен фестивал на КУД „Панче Пешев“, Тумба фест, Тумсток и Тамурашкиот фестивал. За овие фестивали општината одвои на 1,5 милиони денари или 25.000 евра.
Фестивалот на епска песна „Кенга Епике“ е закажан за утревечер во 20.30 часот. Концертот е поддржан со 300.000 денари од Општина Куманово. Во среда на 28 август следува целовечерниот концерт на Меѓународниот фолклорен фестивал со настап на два ансамбли од Грузија, еден од Србија и уште пет културно- уметнички друштва од Македонија, вклучувајќи го и организаторот, локалното друштво „Панче Пешев. Во четврток, на 29 август е „Тумба фест“ на кој ќе бидат изведени 18 композиции, со гости од Бугарија и Србија, но и настапи на Нино Величковски, Маргица Антевска, групата „Династија“, Боге Спасовски- Дилиндарац, Катерина Брезева, Бранимир Стошиќ, Ирена Спасовска, Цацко Конопишки и Трио Гранде и други.Во состав на фестивалот ќе се одржи промоција на книгата „Голем мераклија“ на Боби Петковски. За „Тумбафест“ година се издвоени 300 илјади денари.
Младата публика ќе може да ужива во хип- хоп вечерта на „Тумсток“ фестовалот, каде ѕвезда не вечерта ќе биде Тони Зен, а од локалната музичка сцена ќе настапат Лука Чомбе, Ајмен како и други македонски изведувачи. Овој настан е закажан за 30 август, петок со почеток во 20 часот, а е спонзориран од општинскиот буџет со 450.000 денари.
Под мотото „Кумановци за Куманово“ ќе заврши Кумановскотот културно лето со јубилејното 20-годишно издание на Меѓународниот тамбурашки фестивал, каде вечерта ќе ја отворат Нино Величковски, Мартинијан Кириловски, Марио Арангеловски и Маргица Антевска на кои музичка поддршка ќе пружи тамбурашкиот оркестар „Табиет“ од Свети Николе. За подоцна следуваат настапите на Тамбурашкиот оркестар „Пљевље“ од истоимениот град од Црна Гора, со солисти Нина Стругар и Драгиша Чолиќ, гостинот од Србија. Фестивалот ќе го затвори Тамбурашката школа на Славко Фрањо Батурек, која има преку 200, заедно со ветераните преку 300 ученици и учесници во самото училиште. И за него Советот на Општина Куманово предвиде 450.000 денари.
По повеќегодишна пауза се одржува програма за Кумановско културно лето, во најголем број традиционални настани, манифестации и фестивали од редовната Програма за култура за 2024 година на Општина Куманово.