Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Општина Куманово доставила три проекти во вкупна вредност од 4 милиони евра, за реализација на инфраструктурни проекти на повикот кој го објави Владата вреден 100 милиони евра.
Освен за Индустриската зона Речица, локалната власт смета дека атмосферската канализација на улицата Бајрам Шабани е приоритетен проект, како и развивање на гасоводната мрежа во населбата Доброшене.
„Вкупната вредност на проектите е околу 4 милиони евра со вклучен ДДВ. За точната вредност на секој проект ќе се знае откако ќе се спроведе јавна набавка за избор на најповолен економски оператор за реализација на истите“, одговори Лидија Ланг Спасовска, раководител на Сектор за комунални работи, инфраструктура и сообраќај и заштита на животната средина и природата во Општина Куманово.
Планот е да се изгради атмосферска канализација на улицата „Бајрам Шабани“, во индустриската зона Речица е прецизирано дека ќе се гради водоводна мрежа, атмосферска и фекална канализација, внатрешни сообраќајници, воспоставивање на режим на сообраќај и осветлување на внатрешните патови. Во план е и ширење на секундарна дистрибутивна гасоводна мрежа од улицата „Видое Смилевски Бато“ до селото Доброшане.
„Ова проширување е неопходно, интенција е да се овозможи приклучување на мрежата на производствените капацитети кои се наоѓаат во Доброшане. Со тоа би добиле корисници со поголема потрошувачка, што за ЈП „Куманово гас“ ќе е од големо значење, но секако и дека дел од семејните куќи можат да ги искористат субвенциите на општината за нов приклучок. По реализацијата сите би имале бенефит, ние со зголемување на број на корисници, енергетска заштеда на индустриските фирми и домаќинствата“, истакна директорот на ЈП „Куманово-гас“ Марко Митровски.
Пријавувањето заврши заклучно со 13 септември, а целосната проектна документација ќе се достави до ресорното министерство од областа на проектот, каде што ќе се врши евалуација на истиот. Според упатените целиот процес би требало да заврши до крајот на месецот, кога и конечно ќе се знае кои проекти го минале владиниот филтер.