×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Соjузот на спортови лани реализирал 60 активности и помогнал 40 клубови, доби забелешки за пренамена на средства

    16.05.2025 09:02 | Оливера Пешевска

    Советот на Општина Куманово со 13 гласови за, 2 против и 1 воздржан го усвои Годишниот извештај за реализација на Програмата за развој на спортот и рекреативните активности за 2024 година  на Општинскиот сојуз на спортови (ОСС) . 

    Соjузот на спортови лани реализирал 60 активности и помогнал 40 клубови, доби забелешки за пренамена на средства

    На Општинскиот сојуз на спортови за 2024 година биле одобрени 20 милиони денари, односно 325.200 евра.

    Во програмата за програмски основи биле предвидени 1,95 милиони денари,  за спортски клубови 12,27 милиони денари. Дополнителни 800.000 денари за превоз и сместување на спортистите за време на подготовки или учество на спортски натпревари и турнири, како и 2,03 милиони денари за непредвидени трошоци. За училишен спорт  1,8 милиони денари, за организирање на турнири и манифестации 950.000 денари, а за спортски и рекреативни активности на лица со инвалидитет или посебни потреби 200.000 денари.

    Извештајот покажа дека се реализирани 60 спортски манифестации од вкупно 82 планирани, а финансиските средства се распределени на над 40 клубови. Но, дел од советниците имаа сериозни забелешки за начинот на кој се реализирани средствата и содржините.

    Советничката Елена Доцевска Божиновска укажа дека извештајот не одговара целосно на усвоената програма.

    „Од 60 манифестации, дури 22 не се реализирани. Проблематично е што дел од средствата се пренаменети без одлука на Управниот одбор и Советот. Тоа отвора прашања за легитимноста на таквите одлуки“ истакна Доцевска Божиновска, најавувајќи дека ќе се воздржи од гласање.

    Според неа, пренамените средства се користени и за трошоци кои не биле предвидени – како исплата на плати, канцелариски материјал и други оперативни расходи, без претходна согласност од Управниот одбор или Советот.

    Од Сојузот потврдија дека дел од средствата се прераспределени врз основа на законски одлуки, како покачувањето на минималната плата, за што имало одлука на Управниот одбор во март минатата година.

    На останатите забелешки Филип Колевски, претседател на Општинскиот сојуз на спортови одговори дека работат со аматерски клубови кои немаат административни работници, и дека е неопходна флексибилност при реализацијата на програмите.

    „Манифестациите се планираат месеци однапред, а во услови на нестабилни спонзорства, понекогаш мораме да се прилагодиме и да поддржиме онаму каде што реално може да се организира настан“, објасни Колевски.

    Според него Куманово бележи напредок во омасовувањето на спортот и добива пофалби за децентрализираната распределба на средства, што овозможува поддршка за повеќе спортови и клубови.

    „Како град имаме 60 манифестации и над 40 финансирани клубови. Забележуваме позитивен тренд во вклучување на нови спортски субјекти, како Планинарското друштво Куманово и ФК Пчиња“, посочи Колевски.

    Ивана Ѓорѓиевска, претседателка на Советот е задоволна од развојот на училишниот спорт, и оцени дека програмата е реализирана во 99 отсто од предвиденото, а ги бранеше просветните работници дека голем дел од активностите ги спроведуваат волонтерски.

    Советничката Елена Доцевска Божиновска, пак, истакна дека не може да се зборува за 99% реализација на програмата кога официјалниот извештај покажува 39% нереализирани манифестации од изгласаната програма.

    „Повторно се игнорира надлежноста на Советот и УО. Не смее одлуките да ги носат поединци без консултација, со органите кои ја одобруваат програмата“, заклучи Доцевска Божиновска.

    И покрај поделените мислења, извештајот е усвоен, а од Сојузот најавија дека ќе ги земат предвид забелешките и ќе ги пренесат до Управниот одбор. Според нив, основната цел останува – поддршка на сите кои работат на развој на спортот во Куманово, без оглед на административните и финансиските предизвици.

    Финасискиот годишен извештај на ОСС Куманово не беше усвоен од Советот во последните две години, за 2022 и 2023 година.