Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Цели три часа советниците на денешната седница се задржаа на програмата на Фондацијата за култура и спорт ,,Куманово‘‘ од што значаен дел од времето беше потрошено на реплики и контрареплики по прашањето: колку кој од локалната самоуправа и централната власт односно Министерство за култура, е заслужен за добрите резултати и за пропустите во сферата на културното живеење на граѓаните на Куманово.
Малата бура на спротивставени мислења на опозицијата и позицијата во Советот ја покрена советникот Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Дали не станува збор за класичен конфликт на интереси во Фондацијата за култура кога директорот Нино Величковски се јавува како барател, и како директен корисник на средствата за финансирање на културни настани во кои самиот учествува. Зошто нема проекти од типот ,,моја прва книга‘‘, ,,мој прв концерт‘‘, ,,мој прв настап‘‘ - праша советникот Петрушевски.
За повикан да разјасни за што станува збор се јави градоначалникот Зоран Дамјановски.
„Фондацијата е основана како дополнителен културен чинител да се занимава и да организира културни настани што главно се финансираат од страна на донатори - поединци или меѓународни и домашни бизнис и други организации. И тоа во услови кога добро ни‘ е познато колку малку Владата на Република Македонија издвојува за културата во Куманово‘‘.
Потоа следуваа лавина реплики и контрареплики главно излишни или неосновани на што неколкупати укажуваше претседателот на Советот Виктор Цветковси.
Советничката Марина Манојловска, обраќајќи се на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ праша:
„Имате тројца пратеници во Собранието на РМ. Што тие направија за подобра култура во Куманово? Каде е ветениот затворен пливачки базен во Куманово? Каде е барем еден двокатен автобус за Куманово...„
„Покриен пливачки базен Куманово ќе добие кога ние ќе дојдеме на власт‘‘! - одговори советникот од ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски.
„Е, за тоа ќе почекате уште едно 60 години, уште сте млад‘‘! - му реплицираше Марина Манојловска.
Од целата расправа инаку произлезе еден општ позитивен консензус: немаше спротивно мислење на тоа дека треба да се вратат во живот двете замрени институции по кои се препознаваше Куманово во државава и пошироко, Октетот ,,Куманово‘‘ и ,,Тумба-фест‘‘. Оваа и други иницијативи треба да бидат допрецизирани во Програмата на Секторот за култура што пред Советот ќе се најде во почетокот на идниот месец.