Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Советниците од коалициите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, граѓанската опција „Кога ако не сега„, ДУИ, ДПА и НДП, кои добија подршка од граѓаните да ги претставуваат во Советот, денеска ги примија решенија од Општинската изборна комисија.
Новиот совет на Опшината Куманово треба да се конституира најдоцна за 20 дена.
Сакам да се заблагодарам на сите наши сограѓани кои масовно излегоа на изборите. На нас како народни избраници, освен тоа што ни дадоа привилегија, ни наметнаа и обврска и одговорност за достоинствено да ги претставуваме во градскиот парламент. - вели Максим Димитриевски, советник од СДСМ.
Советници ветија дека ќе работат за доброто на граѓаните.
Во свое имe и во име на советниците од ВМРО - ДПМНЕ и од Коалицијата За подобра Македонија сакам да им се заблагодарам на граѓаните за укажаната доверба и да ветам дека сите свои сили ќе ги употребиме за подобро Куманово - изјави Драган Петковски од ВМРО - ДПМНЕ.
Драги Караџински, советник од независната политичка опција “Кога ако не сега“ потенцираше дека изборите поминале фер, без насилство што е за пофалба.
Се разбира дека сите наши капацитети ќе ги употребиме за доброто на Куманово, за развој на нашата општина, и се разбира никогаш ниту досега, ниту отсега ќе работиме против она што е демократско и она што е за просперитет на нашето Куманово - кажа Карџински.
Советникот на ДУИ, Ризван Асани, најави реализација на проектите за да се подобрат условите за живот на граѓаните на Куманово.
Во наредните 4 години ќе работиме за интересите на граѓаните. Тоа што го ветивме во кампања да го оствариме, да создадеме услови за подобар живот, пред се подобра инфраструктура.- вели Асани.
Во новиот Совет, коалициите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе ги застапуваат по 12 советника, ДУИ со 4 советника, „Кога ако не сега„ и ДПА по два и НДП еден.