Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Со 600.000 денари ќе биде поддржано Советувалиштето за жртви на семејно насилство на Хуманитарното зружение „Мајка“ во наредните две години, одлучија советниците од Општина Куманово на 30-та седница.
Финансиската поддршка е обезбедена во рамките на Програмата за еднакви можности на мажите и жените со акциски план за 2023-2025 година. Вкупниот буџет на програмата е 711.000 денари, а покрај средствата за советувалиште, предвидени се и 60.000 денари за едукација на раководни лица од локалните институции за навремено препознавање на полово и семејно насилство.
„Советувалиште за жртвите на семејно насилство е повеќе од потребно во нашиот град за да имаат можност овие лица да добијат совет и охрабрување за преземање на следни чекори во институциите. Знаеме дека Центарот за социјални работи се грижи за жртвите, но исто така знаеме и дека тие тешко се одлучуваат насилството да го пријават во институциите. Затоа, од особена важност е поддршката на еден ваков проект за функционирање на советувалиште, посочи Александра Лазаревски, претседателка на Комисијата за еднакви можности на мажите и жените при Општина Куманово.
Претседателката на Советот Ивана Ѓорѓиевска истакна дека вакво советувалиште веќе постои во рамките на Хуманитарното здружение „Мајка“ од Куманово, кое е отворено со грант од Релоад програмата на УНДП,а истовремено со одредени средства е поддржано и од јавниот оглас за развој на социјални услуги.
„Советувалиштето веќе е лиценицрано за ваква намена и се наоѓа на ул. Моша Пијаде, број 91. Во него се ангажирани психолог, правник, кариерен советник и социјален работник. Улогата на ова советувалиште е да ги пронајде и прифати жртвите на семејно насилство за да ги упати низ институциите. Со обезбедување на финансиска подддршка од општинскиот буџет го правиме одржливо и функционално и ја развиваме оваа социјана услуга “, истакна Ѓорѓиевска.
Таа ги истакна последните два случаи во Куманово и Табановце кога настрадаа три жртви на семејно насилство, како и претпоставките дека поради социо-економската криза може да се очекува состојбата да ескалира, заради што е неопходно обезбедување заштита и поддршка на овие лица.
„Општината има обврска за едно вакво советувалиште, а ако ХЗ „Мајка“ сака тоа да биде регионално ќе мора да побара финансиска поддршка и од останатите општини од Североисточниот регион“, подвлече Ѓорѓиевска.
Советничката Валентина Младеновска која даде поддршка на програмата, побара поголема промоција на советувалиштето и актуелизирање на услугите од страна на Комисијата за еднакви можности на мажите и жените за да бидат информирани сите потенцијални жртви на семејно насилство каде може да добијат помош и поддршка.
Програмата за еднакви можности на мажите и жените 2023-2025 година од која најмногу средства се одвојуваат за Советувалиштето за жртви на семејно насилство едногласно беше поддржана од сите 27 советници.
Советувалиштето за жртви на насилство, предводено од Хуманитарното здружение „Мајка“, отворено е пред една година во рамките на проектот „Комфор зона за жени“, поддржан од Регионалната програма за демократија во Западен Балкан2, што ја спроведува УНДП и од Општина Куманово. Главна цел на проектот е да се обезбеди психосоцијална помош и подршка, правна помош и услови за економско осамостојување, кариерно советување, професионална ориентација и тренинзи за развивање на меки вештини на жените - жртви на насилство.
Советувалиштето ги исполнува стандардите според Инстанбулската конвенција и ги дава следните услуги: советување и поддршка од социјална работничка, психосоцијално советување и поддршка од психолог/ психотерапевт, правно советување и поддршка, како и менторство за економско јакнење.