Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски упатува честитка по повод 11 Октомври Денот на македонското востание.
„Како еден од најзначајните датуми во македонската историја, 11 Октомври е паметник за вистинската одлука на македонскиот народ – да пристапи кон антифашистичката коалиција, да застане на страната на цивилизираното и прогресивно човештво, да крене востание како почеток на народното ослободително движење. 11 Октомври е симболот на македонскиот непокор, на херојството и на слободарскиот дух на нашите предци од кумановските партизански одреди, односно Козјачкиот и Карадачкиот, како и од Прилепскиот партизански одред. Во чекор со глобалното антифашистичко движење, со идеалите за слобода, рамноправност и сувереност, таа борба за самобитност и самостојност како Македонци нѐ доведе до сопственото ослободување. И токму таа борба и денес го поттикнува нашето обединување, без разлика на партиската, верската или етничката припадност. Бидејќи и овој пат сме на вистинската страна. Денеска, како чин на највисок патриотизам, ја градиме татковината врз демократските вредности, почитувајќи ги вредностите на сите заедници во земјата, на народите во регионот и во Европа, како најголема цивилизациска придобивка. Денеска Република Северна Македонија е бедем на безбедноста во регионот, затоа што успеавме да го одржиме аманетот на предците и останавме на прогресивниот пат. Во свое и во име на МВР, оддавам длабока почит кон борците за слобода, кон оние кои дадоа сѐ во народноослободителната војна, во борбата за самобитност и самостојност, за да можеме како Македонци да го дочекаме нашето ослободување. Нивниот аманет за мене е завет – за градење на современа, демократска и европска држава. Како Македонци станавме дел од НАТО, како Македонци ќе се приклучиме и кон европското семејство како наша одредница. Нека биде ова цел за обединување, за сплотување - за нас, во чест на претходните, а како оставина за сите идни генерации“, стои во честитката на Спасовски.