Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во кумановската Општа болница недостасуваат специјалисти од сите профили, но најургентно е вработување на анестезиолози, рендгенолози, ортопеди, уролог, специјалисти за оториноларингологија и инфективни болести.
„Најмладиот анестезиолог во болницата има 60 години, две колешки имаат по 63 и највозрасниот 66 години, следната година заминува во пензија. А без нив не би можело да функционира речиси ниту едно одделение. Доколку најитно не се вработат специјализанти или лекари на некои позиции можеме да паднеме на ниво на поликлиника, да го изгубиме статусот на општа болница која ги сервисира потребите на граѓаните од 6 општини во североисточниот регион“, истакна директорот д-р Стефан Трајановски, специјалист по ортопедска хирургија.
Тој продолжува паралелно да работи и на своето матично одделение, затоа што се само двајца лекари ортопеди. Доколку се посвети единствено на администрацијата и раководењето на институцијата колегата би бил оставен сам, што може да значи ускратување на здравствена грижа на пациентите.
Критично е и на Одделението за рендген, имаат 3 специјализанти, од кои две се враќаат следната година, а еден од нив специјализацијата ја завршуваат во 2027.
„Но, колешките во текот на овие години се омажија едната во Велес, втората во Скопје и постојат барања за нивен трансфер. Потполно ги разбирам, сакаат да си бидат со своите семејства, но мора да се изнајде решение и за Куманово“, објаснува директорот Трајановски.
Во Општа болница Куманово е вработен само еден уролог. Недостасува стручен кадар и на Инфективното одделение, таму работат 4 специјалисти кои се веќе на чекор до пензионирање. Слична е ситуацијата и со оториноларинголозите.
Информацијата доаѓа по изјавата на министерот за здравство Арбен Таравари дека прв критериум за вработување на приватни специјализанти ќе биде таму каде има најголем дефицит. Градовите во внатрешноста беа наведени како пример, а освен во Куманово, се најавуваат вработувања во Струмица, Тетово, Кичево.
Во Македонија има 641 лекари специјализанти, за кои беше дадено ветување дека ќе се вработат- 300 од нив годинава, и 300 следната година. Според изјавите на министерот постапката треба да оди многу брзо и да се ефектуира во октомври, ноември ова година.