Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Министрите во српската влада Никола Селаковиќ и Ѓорѓе Миличевиќ, беа дел од гостите на синоќешната Светосавска академија во Куманово, по повод прославата на националниот ден на Србите „Св. Сава“. На дешената прослава во Скопје се очекува да присуствува и претседателот Александар Вучиќ.
Домаќинот и претседателот на организацискиот одбор, пратеникот Иван Стоилковиќ се заблагодари на властите во Република Србија за сета поддршка што ја даваат на српскиот народ во Македонија.
„Јас сум сигурен дека кога почнувавме ова да го работиме никој од вас не веруваше дека ќе издржиме 17 години. Светосавските академии кои ги организираме станаа препознатливи не само на територијата на Македонија, туку и во поширокиот регион и во дијаспората. Благодарност до Република Србија и претседателот Вучиќ, кои веќе 6 години се покровител на оваа манифестација која се организира не само во Куманово, туку и во Скопје како централна манифестација, во Тетово и Битола“, ги поздрави присутните Стоилковиќ.
Во име на Советот на Општина Куманово се обрати претседателката Ивана Ѓорѓиевска, која има 6 советници Срби.
„Значењето на српската заедница во Куманово, заедница која вреди, посветена, верна, вредна и одговорна. Празникот на нашите роднини, соседи и сограѓани срби. И така треба да остане, сите да се цениме, првин себеси и секогаш да ги почитуваме другите.Тоа е единствена формула за соживот, а кумановци добро ја спроведуваат истата“, истакна Ѓорѓиевска.
На академијата присуствуваа и Невена Јовановиќ, амбасадорка на Србија во Македонија, Арно Гујон, директор на Агенцијата за дијаспора, почесни конзули на Србија Владимир Стајиќ и Михајло Филев, рускиот амбасадор Сергеј Базликин, парламентарци од македонското собрание, како и членови на општинската администрација.
Во културно-уметничкиот дел настапија солистката Бранка Зечевиќ, а-капела составот „Српски православни појци“ , македонскиот актер Дејан Лилиќ, групата „Искон“, Гордана Кузмановска солистка на КУД „Српски вез“ и играорци на друштвото.