Средорек поплавен, жителите на улица
Од синоќа жителите на населбата Средорек се надвор од своите куќи и со кофи ја црпат водата од собите за да ја спасат покуќнината.
Револтирани, велат дека надлежните иако ветиле дека ќе го исчистат речното корито, при обилни дождови нив секогаш ги поплавува.
Од 2 синоќа, станавме сите, ниту еден не спиеше. Цела улица и оваа малата и големата е поплавена. Доаѓаат само да не видат, а ние страдаме. Кажаа дека коритото ќе го прават, коритото го нема никаде. Тоа е срамота. Ова корито со години ветуваа ќе го прават, ама не го направиле, бидејќи не сакаат. Јас имам четири деца и болна сум. Каде ќе одам , кој ќе ме прими. Мебел, регал, каучи, се ми е поплавено, уништено. Алишта мокри, немам што да им облечам на децата. Само документи земавме и излеговме надвор - раскажува Валентина Демирова од Средорек.
Според кажувањата на жители на Средорек, поплавени од реката се над 200 куќи. Делот кај пазарчето во населбата е на повисоко и тие куќи не ги зафатила вода, а во долниот дел домовите и дворовите се полни со вода.
Теписите ги извадивме, избришавме вода внатре, и постелавме нови. Многу вода има. Што можевме направивме, еве водата уште стои. Со мали деца сме. Ако помине комисија ќе види колку има штета. Уништени им се на луѓето ламинати, машини за перење - вели Јашко Асановски од истата населба.
Асановски смета дека треба да им се понуди сместување на луѓето додека да се санираат штетите.