Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Новата одлука со којашто што се намалува процентот на искористеност на градежното земјиште и катноста на станбени згради ќе ја зголеми цената на становите во Куманово, сметаат дел од советниците кои се противат на новото решение.
Благојче Јакимовиќ, вели дека цената на квадратен метар станбен простор кај нас и сега е многу висок, но големи се шансите таа да се изедначи со становите во метрополите од соседството.
„Треба да се запрашаме колку оваа одлука ќе им нанесе штета на граѓаните и колку градот ќе изгуби од комуналии. Ако досега за 1000 метри квадратни Општина Куманово наплаќаше 50 отсто комуналии или 500 илјади евра, сега тој износ ќе биде 30 отсто или 300 илјади евра. Тоа ќе го успори развојот на градот. Втора работа која ќе удри по грбот на граѓаните е тоа што ќе дојде до зголемување на цената на становите. Па стан во Куманово ќе чини како на „Београд на води“, кажа советникот Јакимовиќ од НСДП.
Градоначалникот му одговори дека становите во Белград на вода чинат 5000 евра по метар кавадратен и не можат да бидат како во Куманово. Според него цената на станбениот простор ја диктира побарувачката и се додека нашите граѓани кои работат во Ирак имаат интерес да купуваат недвижности нивната цена ќе биде висока. Во однос на намалените комуналии кажа дека буџетот е полн и Општината нема финансиски проблеми.
Советот вчера ја измени и дополни одлуката за спроведување и планирање на површини за градење со намена А2 на парцели лоцирани вон централно градско подрачје во границата на градежен реон Куманово, па наместо до 50 отсто, отсега процентот на искористеност на земјиштето за изградба на висококатници во Куманово ќе биде 30 отсто. Останатиот простор ќе се користи за зелени површини и паркинг.