Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Голем интерес предизвика јавната расправа за измена и дополна на Детален урбанистички план (ДУП) на блокот згради К4 и К5 на булеварот „Октомвриска револуција“, која денеска се одржа во големата сала на зградата на „Комитет“ вo Куманово.
Во жестока расправа со инвеститорите, проектантите и членовите на општинската администрација, граѓаните уште еднаш повторија дека се противат на сообраќајното решение со кое се предвидува изградба на нова улица низ зеленилото на нивната населба, за потребите на новите згради.
Жителите сметаат дека со изградбата на улицата ќе се уништи зеленилото и еко систем на сметка на стамбено- деловен простор, ќе се отвори простор за поминување на тешки товарни возила, ќе се зголеми фрквенцијата на возила, ќе се уништат детските игралишта, пешачките патеки, ќе се загрози дренажниот систем, ќе се зголеми ризикот од поплави, ќе се ограничи просторот за движење, за спорт и рекреација, ќе се кршат урбанистички правила и принципи.
„Урбаната единица постои 40 години и ви порачуваме да не ја чепкате. Со новата улица која ќе биде широка 5,5 метри, но без тротоар и треба од влезот веднаш да излегуваме на улица. Вие правите градилиште низ цела парцела, за интерес на приватни лица. Општината ќе прави улици со наши пари, за да се уништи средината во која живееме. Една од зградите од три страни ќе биде опкружена со улици, а новата улица ќе поминува под терасите“, беа некои од забелешките во расправата.
Ангажираниот планер, призна дека со изградба на улицата ќе се зголеми загадување на воздухот, со бучава ќе се намали мирот на граѓаните во сопствените домови, што ќе влијае и на менталниот мир.
Беше предложено и да се почека со измените на ДУП-от, додека се заврши новиот Генерален урбанистички план (ГУП). Според она што ќе се предвиди тогаш можат да се прават измени и дополнувања со решенија кои би биле во интерес и на инвеститорите и на граѓаните.
На присутните им беше кажано дека имаат доволно време да ги достават своите забелешки до Општината, со ветување дека сите ќе бидат земени во предвид.
Парцелата на која треба да се гради е во сопственост на повеќе приватни лица, со големина од 4,7 хектари, а планиран е објект со приземје и кат, со намена големи трговски единици и кубус со згради за колективно домување, во висина од приземје и 5 ката.
Дел од станарите вчера биле на средба со градоначалникот и инвеститорите, каде добиле ветување дека нема да се гради улица, за време на мандатот на Димитриевски. Стотина станари минатата недела излегоа и на протест.
Измена и дополна на ДУП за Урбаната единици „Благоја Стефковски Гојчо“, урбан блок 47 во два наврати се најде пред советниците- во првиот обид во септември 2024 предлогот не беше усвоен од Советот на Општина Куманово. Измените беа изгласани на седницата од 16 декември, минатата година.