×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • СТАВ: Куманово ни село ниту град, нашето вчера, денес и утре

    07.06.2021 07:21 | KumanovoNews

    Последниве месеци кумановци се сведоци на јавно искажани амбиции на повеќе свои сограѓани, како од владејачката политичка дружина така и од опозицијата, за можни кандидати за позицијата Градоначалник на Општина Куманово, за претстојните локални избори во октомври.

    СТАВ: Куманово ни село ниту град, нашето вчера, денес и утре

    Социјални медиуми и локалните портали се исполнети со “проектни предлози“, “борби на дронови“, софтверски прикази на одредени видоизменети локации, километри на локални улици и патишта и слични претставувања. Дежа ву! Граѓаните се прашуваат кој им пречеше сите тие работи да ги направат до сега и да изградат? Претходните Градоначалници?! Внатрепартиските процедури за избор на кандидати одамна се во полн ек, се вршат анкети на јавно мислење на кумановци, се прават најразлични принципиелни и непринцииелни групировки.

    Нејсе! За суштинските проблеми на општината, ни збор! Ни збор за решавање на проблемите со кои се соочуваат сите јавни претпријатија во градот! Само по себе тоа покажува дека од иста структура не е можно да се очекува ништо ново освен, дајте друго дете...

    Реалноста е сосема поинаква, за жал, ѓубре, депонии, руини од стари запоставени и уништени фирми на секој чекор, загадена река која служи како депонија, во зимски месеци загаден воздух со енормни количини на ПМ честици во алармантни високи концентрации,  сообраќаен и градежен хаос.

    Владејачката политичка дружина на локално ниво потроши безмалку ПЕТ градоначалнички мандати, но нов Генерален урбанистички план (ГУП) за Општина Куманово не донесе, иако уште во 2012 година советниците, закаснето, донеле одлука за изработка на нов, издвоиле пари во општинскиот Буџет, но до ден денес тоа не е направено?! Во 2019 повторно се прави обид, но се` уште нема ништо!

    Последниот ГУП за општина Куманово бил донесен од 1995 до 2000 година и потоа потоп! Колку треба да биде човекот нереален и пристрасен и да очекува дека иста структура која 21 година не донела ГУП тоа ќе го направи во иднина?!

    Што тоа значи во реалниот живот и какви проблеми им носи на граѓаните. Тоа значи дека граѓаните не можат да инвестираат за изградба на сопствен дом, зграда, индустриски објект или тоа треба да ги чини многукратно повеќе!

    Во приградските населбите Карпош, Пуковско, Ајдучка Чешма, дел од Доброшане, Бабин Дол и Железничка станица живеат околу 30 илјади луѓе или третина од населението во Општина Куманово, а до ден денес се со недефиниран статус, изгубиле статус на села, а не можат да бидат ни градски населби затоа што ги нема во Генералниот урбанистички план.

    Се присилува повеќе од третина население своите егзистенцијални потреби за домување, снабдување со вода, одвод на отпадни води самостојно на свој, но многу повисок трошок, преку најразлични заобиколни патишта  да си го решава. Овој проблем има директно влијание и на огромниот број дивоградби по 2013 година во овие населби.

    Огромен број дивоградби во општина Куманово се уште еден горлив проблем со кој се соочува и во градежниот реон, кој постои во последниот ГУП, зад Градскиот стадион, Средорек, Бавчи и дел од Тоде Мендол, што придонесува да преку 10.000 предмети за легализација од преку 22.000 поднесени барања се се` уште во постапка. Меѓу нив се и дивоградбите во недефинираните приградските населби по 2013, кои не по своја вина се нашле во незавидна положба.  

    Невработеноста е уште едно горливо прашање за општината. Економска стагнација и немање на визија за локален економски развој принудува огромен број кумановци да својата егзистенција ја бараат во земјите од ЕУ и пошироко. Куманово долго години егзистира од средствата заработени од привремено вработени во воените мисии на блиски Исток но, и на тоа полека се ближи крајот. Никакви програми со поволности за инвестирање на огромните средства заработени на блискиот исток неповратно се губат. Многу кумановци веќе економски емигрираа и многу тешко дека воопшто имаат намера да се вратат!  Што и како понатаму?!

    Доволно вода за водоснабдување, чист воздух и здрава животна средина со одржлив развој што беше тоа?! Концепт за СМАРТ Куманово, научна фантастика!

    Додека градовите во современите општества воведуваат 4 и 5 Р системи за управување со отпад кај нас од донации се чека на возила за изнесување на неселектиран смет!

    Посебна приказна е здравството. Кризата со пандемијата на ковид-19 го прикажа во вистинско светло. Неспремно и недоволно просторно, технички и материјално подготвено да одговори на кризи од таков вид. Медицинскот персонал беше ставен пред невозможна мисија со натчовечки напори да се бори, но и пред очи да им умираат огромен број наши сограѓани.  

    Истото се однесува и за образованието во кое за воља на вистината децата изгубија повеќе од една школска година преку настава на далечина и  импровизации  што сигурно трајно ќе се одрази на процесот на нивно образование.  

    Општина Куманово станува се поголема и посложена.  Развојот на градот во демографска смисла, во социоекономска и просторна,  ја наметнува потребата од воведување на нови сообраќајно-транспортни решенија, кои ќе овозможат поефикасен и побрз проток на граѓаните и стоките. Изградба на 10-тина кружни текови во сообраќајот се најитно потребни и нужна е рехабилитација на општинската патна инфраструктура, подобрување на управувањето со сообраќај, особено во централно градско подрачје каде сме соочени со сообраќаен хаос и недостаток на ефтин паркинг простор.

    Куманово нужно треба да се изгради во привлечно место за посета, но и за инвестирање и живеење. Ова ќе биде невозможно освен ако не ги вклучиме сите во таа визија. Куманово не е само Тумба, една улица, еден човек. Куманово е  нашиот дух, детство и младост. Такво било и за време на нашите татковци и мајки, нашите дедовци и баби.

    Мора да донесеме одлука, како граѓани, оваа апатија и стагнација да се промени, да избереме градоначалник кој ќе носи брзи одлуки, кој ќе гледа 10-20 години однапред и ќе го реализира ветеното. Куманово заслужува да стане модерна општина, која ќе биде сервис на сите кумановци.

    Гласањето за промена на оваа владејачка структура е нужност ако кумановци сакаат да се померат од мртва точка и да зачекорат во подобра и поперспективна иднина! 

    Дејан Божиновски - Бенџо, член на ОК на ВМРО ДПМНЕ Куманово