Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Заврши и оваа учебна година, со не помалку скандали, неизвесност и горчливи искуства во однос на минатата. Учениците се и официјално на распуст. Родителите повеќе или помалку се задоволни од оценките на нивните деца, а наставниците најмногу загрижени за тоа што ги очекува од септември.
Новата Концепција за основно образование е во ќорсокак. Очекувано, со оглед на брзањето во нејзината имплементација. Во пракса уште на почетокот се покажа дека најголемиот број идеи и не се така лесно применливи. Раководниот кадар на училиштата се соочува со многу проблеми кои му се наметнати од Министерството за образование (МОН), а за кои не му се понудени решенија. Па така, залудни беа прераспределбите на часови за минатата година, бидејќи не беа финансирани тие за слободни ученички активности во четврто и петто одделение. Нив требаше да ги изведуваат предметните наставници на кои им беше загрозено работното место. Се прави истата организација во училиштата и за наредната учебна година, со истата надеж за „милостина“ од МОН, барем од овој септември. Покрај нив, уште стотици наставници по предмети кои со Концепцијата ќе бидат интегрирани во нови, летово ги очекува пекол-од грижи за нивниот фонд на часови од септември.
Учениците ќе учат без учебници по многу од наставните предмети и наредната учебна година. За некои од нив, рака на срце, беа обезбедени, но на само неколку дена пред крајот на наставата, кога практично и немаа потреба од нив, ниту тие, ниту наставниците. Но, тие веќе се навикнаа и на таа состојба, во која ненормалното стана нормално. И секако, наставниците ги впрегнаа сите свои сили и вештини за снаоѓање во услови на „криза“, за да не трпи образовниот процес. Сите се согласуваме дека учебникот, во време на забрзана дигитализација не е и не треба да биде единствениот извор на учење, но треба и да се согласиме дека е средство без кое е незамисливо реализирање на воспитно - образовен процес. Така било во минатото, така е денес, но така ќе остане и во иднина. Во Република Македонија „калкулациите“, за жал, се и во овој домен од образованието. И повторно, на штета на учениците.
Темата за елементарни услови за изведување настава одамна не е нова. Кога со години се игнорира состојба на училишта, на пример, со оштетена и небезбедна кровна конструкција во централно градско подрачје, тогаш каква грижа од власта можеме да очекуваме за училиштата во руралните средини. Во многу од нив учениците и наставниците вода за пиење си носат од дома, бидејќи нема водоводна мрежа во тие села. Ама затоа модерно образование секаде ќе спроведуваме. Барем така велат од власта.
Од година в година училниците се сè попразни. Родителите вртоглаво бегаат со своите деца во општества кадешто има ред и поредок во сите сфери, вклучително и образованието и кадешто на прво место е квалитетот и критериумите, а мерит системот е водилка во функционирањето на секоја од тие држави. Таму, кадешто се стремиме да стигнеме еден ден, додуша власта само декларативно, каде што матурските испити се подготвуваат сериозно, одговорно и на учениците не им паѓа ни на крај памет за можноста за какво било мамење. Но, таму младите не се учат од примери на министри и ред други функционери со „купени“ дипломи, со тези и дисертации кои се докажани плагијати, или со прескокнати циклуси на образование до нивно вработување или кариерен развој. Ете затоа „паднавме“ и на овој „испит“ на нашиот пат кон Европа. Затоа што младите уште од мали нозе се учат од вакви и слични примери кои се сè, само не почитување на компетитивност, на знаење и на квалитет.
Во вакви услови на очај во кој државата ги доведе засегнатите страни во воспитно-образовниот процес, за среќа постојат и одговорни општествени чинители. Градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата со своите тимови, покрај решавањето на локалните проблеми, фокусирани се и на обезбедување достоинствени услови за образување на младите од нивните средини. Поддршката за семејствата преку финансиски олеснувања и инвестирања во сферата на образованието се дел од нивните приоритети. Вложувањата во стипендирање успешни млади, како и ученици од ранливи категории се дополнителна мотивација и поттик за нив за чекорење по вистинскиот пат.
Бројните проекти и иницијативи за подобрување на воспитно-образовниот процес на локално ниво ни влеваат надеж дека по падот на оваа власт ваквата пракса ќе биде спроведувана и на ниво на државата, како сериозна заложба за создавање здрава, активна и среќна младина. А со знаење, со чесно и одговорно делување ние возрасните можеме да ја постигнеме таа цел.
Комисија за образование и наука
ОК ВМРО-ДПМНЕ Куманово