Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Тутунски комбинат „Боро Петрушевски-Папучар“ со одлука на кумановскиот суд ќе оди во стечај.
Одлуката за ставање на Комбинатот во стечај e на предлог на Министерството за финансии, односно на Управата за јавни приходи- објавува Утрински весник.
Според судската одлука, за стечаен управник е именуван Богољуб Макревски, кој на јавноста и е познат по неговото именување за стечаен управник на млекарницата „Сведмилк“.
Законски застапник на должникот, односно на КТК „Боро Петрушевски-Папучар“, е Стојче Крстевски од скопското село Ракотинци. Судот ги повикува сите физички и правни лица, во рок од 15 дена, да ги пријават своите побарувања, а веќе на првото судско рочиште ќе се расправа за нив. УЈП пресметала дека Тутунскиот комбинат не е во состојба, во законски предвидениот рок од 45 дена, да ги сервисира своите долгови кои достигнале износ од речиси три милијарди денари.
Случајот на КТК „Боро Петрушевски-Папучар“ излезе на површина кон крајот на декември 2008 година кога големи полициски сили упаднаа во Комбинатот поради сомнеж дека во него се врши илегално производство на цигари за кои не била издадена лиценца. Во тој период ТКК е во сопственост на кумановецот Бајруш Сејдиу, но кога тој и уште 31 лице беа уапсени и обвинети за злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и овластување и за дела од Законот за акцизи, случајот стана познат под неговото оперативно име „Пепел“.
За трите кривични дела за колку што беше обвинет Бајруш Сејдиу, во март 2010 година, беше осуден на единствена затворска казна во траење од пет години затвор, а беше обврзан да плати и парична казна во износ од 25.000 евра.
Во меѓувреме против Сејдиу беше отворена уште една судска постапка, а овој случај беше наречен „Пепел 2“. Тој беше обвинет дека со купувањето на фирмите „Жито мел“, „Искра инженеринг“, „Кен“ и Работна единица „Полјоделство“ при ЗИК „Сточарство и преработка“ успеал да се стекне со противправна имотна корист од околу шест милиони евра. Во јануари следната година, за перење пари и злоупотреба на службената положба беше осуден на единствена затворска казна во времетраење од 12 години- пишува весникот.