Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Десеттина километри сeверно од Куманово покрај македонско - српската граница се простира Никуљане, едно од најстарите села во кои живее српско население. На надморска височина од 512 метри ова село е познато по својата пријатна клима, со вредни домаќини, со квалитетно грозје и со ладна изворска вода.
Никуљане и припаѓа на општината Старо Нагоричане, со околу 200, главно постари жители. Во осумдесеттината домаќинства само во дваесеттина има деца. Осумте ученици, наставата до четврто одделение ја следат во селското училиште, а четири ученика одат во Старо Нагоричане на настава од петто до осмо одделение.
До седумдесеттите години од минатиот век Никуљане беше живо село. Секоја вечер кај чешмата се собираше старо и младо како на свадба, а сега повеќето куќи се празни. И во куќите во кои има некој, тоа се старци. Младината си замина од селото в град. Најмногу во кумановската населба Рајкова куќа. Тоа на луѓето некако им одговараше затоа што „патем“ можат да се враќаат во селото кога се слободни. Но сега се помалку доаѓаат. Оние што имаат живи родители и навраќаат понекогаш, останатите никако. Додека имаше луѓе немавме ни пат, ни водовод, ни телефон, а кога почнаа отселувањата, тогаш државата започна по нешто да гради. Што вреди, сега нема за кого - со тага раскажува Векослав Јовановиќ (82).
Најголем проблем на овие луѓе сепак им е автобускиот превоз. Години наназад тие немаат врска со Куманово, откако им се укинати редовните линии на поранешен „Југ-Турист“. Од тогаш оние кои немаат сопствен автомобил, не можат да појдат ни на лекар. Решението на овој голем проблем бараат од Општината Старо Нагоричане. Сметаат дека таа е должна да најде начин и да организира превоз за сите населени места на нејзината територија.
Никуљане нема многу што да им понуди на патниците намерници, освен традиционалното гостопримство. Луѓето се питомо и работливи, ама животот овде - застанал. Како да запрел во минатиот век. Селото нема амбуланта, асфалтирани улици, занаетчиски дуќани, Пошта па ниту ни кафеана. Куќите се стари, а шталите и амбарите се распаѓаат. Во зима селото е пусто. Сокаците живнуваат само лете. Доаѓаат повратниците, пензионерите и нешто од помладите кои останале без работа и се вратиле на татковите имоти да ја обработуваат земјата. Некои од нив изградија и нови куќи.
Го чуваме ова малку добиток што останал, ја обработуваме земјата и лозјето, печеме ракија. Јас имам четириесеттина овци и сејам жито. Столарската работилница на татко ми ја затворив, зашто нема работа. Повеќе не се цени занаетот, и ако некој нешто гради - користи индустриска стока. Некогаш сите работеа во државни претпријатија и на село, имавме убав селски живот. Во селото се чуваа и до 5000 овци. Со големите сурии имаше овчари на сите ридови и се слушаше кавал на секој чекор. Сега има одвај стотина овци - раскажува Слободан Павловиќ(57) од Горно Маало. Го сретнавме на поило кај чешмата под црквата.
Во Никуљане, како и во останатите козјачки села, има многи неженети ергени. Дваесеттина од нив ја поминале четвртата деценија. Кажуваат дека девојките сакаат гратски живот и не сакаат да се мажат за селани. Двете продавници во селото се центар на општествениот живот. Но, „живот овде такаречи нема“. Фудбалскиот клуб „Извор Глава“ што се натпреваруваше во кумановската општинска лига е згаснат пред дваесеттина години.
Луѓето живееа за тој спортски настан. Тогаш сите одевме на игралиштето на „Крст“ да навиваме за нашите. Се славеа победите, полесно се поднесууваа поразите. На игранките во Задружниот дом на сретселото, доаѓаа момчиња и девојки од сите соседни села, се спријателуваа, се раѓаа вљубувања - се сеќава Павловиќ.
Селаните сведочат дека Никуљане е многу старо село, но немаат податок кога тука се доселилеи првите жители. Кажуваат дека селото трипати ја менувало локацијата. Некогаш било концентрирано на ридот околу „Езерото“, а подоцна се спуштило кај селската црква „Свети Илија“.
За овие преселби се врзани и легендите. Додека селото било кај „Езерото“, едно лето за време вршидба на житото, млада девојка ги одвела коњите на поило. Коњите се потплашиле и ја фрлиле девојката во водата во која таа се удавила. Тогаш селаните ја оградиле водата и го затрупале езерото со камења. Потоа изградиле чешма 20-тина метри подолу, која и денес се користи. Кога се преселиле кај црквата се случила нова несреќа: се сретнале сватови додека носеле млади невести, а несмееле да се видат. Како што не можеле да се разминат и да ја одбегнат средбата - се степале, меѓусебно се поубивале и тука се погребанини. Селото почнало да се одселува и од таму.
Не постојат ни пишани документи во архивите од кога датира ова село.Познатиот патописец Јован Хаџивасиљевиќ во своите белешки за овој крај, навел дека преданијата за Никуљане се нејасни и „матни“. Кон крајот на 1.900-та година во Никуљане имало 70 домаќинства и дванаесет маали кои сеуште живеат.
Денес најголем дел од селото е сконцентриран во долината во која се наоѓаат неколку извори. Најиздашен е изворот „Глава“ и од него со водоводи се снабдуваат селата Никуљане и Старо Нагоричане. „Изворот Глава бадијала вода дава“, Тоа е наше богатство со кое се гордееме - велат мештаните. Има уште два големи извора на кои се изградени чешми, една кај црквата и втората, „Стара чешма“ во Горното маало. Водите од двете чешми истекуваат во потокот Сеарава. Во селото некогаш постоеле дури 17 воденици за мелење жито.
Никуљане опстојува на крастно подрачје, но има доста вода. Земјата е плодна, но понекогаш подвиреа, така што ни потонуваат посевите – кажуваат селаните.
Според преданијата на претците на денешните селани на Никуљане, тие потекнуваат од околијата на Гњилане - Космет. Прв доселеник бил извесен Павле кој по битката на Косово дошол во Никуљане од селото Жегра кај Гњилане.
„Павле со браќата побегнале од турските зулуми. Како православец си ја донел и домашната слава „Свети Никола“. Со жената и со машко дете се населил над црквата. Кога селаните од селото Расево што било нешто подолу, кога го истерале добитокот на пасење, наишле на него и потоа почнале да си прераскажуваат дека ,,нико‘‘ нов човек. Од зборовите ,,нико човек, нику људи‘‘ настанало името на селото - Никуљане, раскажуав еден од најстарите жители, Спасо Илиќ (82).
Според приказната на дедо Спасо, Павле во почетокот бил сиромашен и им чувал добиток на селаните од соседното село, а подоцна се збогатил и неговите потомци се денешните жители на Никуљане.
Никуљане традиционално најмногу е поврзано со Старо Нагоричане, иако се граничи и со селата Четирце, Сушево, Алгуња, Челопек и Младо Нагоричане. Овие села ги поврзува и манастирот Забел во кој се слави Успението на Пресвета Богородица. Светилиштето се наоѓа во долината Сераво, на граница од селата Никуљане и Старо нагоричане. Наскоро двете села треба да бидат поврзани и со асфалтен пат.
Никуљане има и две селски слави, Свети Илија и Спасовден. На овие два празника луѓето расеани на сите страни се им се враќаат макар на кратко на своите корени.