×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Што кога децата се жртви на семејно насилство?

    16.09.2023 21:46 | KumanovoNews

    Минатата година на телефонот за деца и млади Ало Бушавко се јавиле 357 лица. 17% од нив или 145 деца се јавиле заради семејни проблеми, во најголем дел поврзани со непочитување на правата на детето во текот на бракоразводните постапки.

    Што кога децата се жртви на семејно насилство?

    Според податоците од Центрите за социјална заштита за 2022 година, од вкупно 1543 лица – жртви на семејно насилство,  227 биле деца.
    Трет облик на семејно насилство е насилство врз децата, кога сторител е било кој член од потесното и поширокото семејство.

    Притоа треба да се нагласи дека децата се сметаат како жртви на насилство не само во ситуации кога директно се изложени и трпат насилство, туку и кога се сведоци на чин во кој еден челн од семејството врши насислтво врз друг член од семејството.
    Податоците покажуваат дека во семејствата со семејно насилство, во 30-60% истото е насочено и кон децата, а во семејствата во кои жрва била мајката и која морала да го напушти домот и да побара заштита, децата биле жртви на насилство дури во 75-100% од пријавените случаи.

    ДЕЦАТА СВЕДОЦИ СЕ СКРИЕНИ ЖРТВИ

    Во литературата се користи терминот скриени жртви, за децата кои се сведоци на насилство во семејството. Детето сведок може да биде присутно на самиот чин, но и не мора. Може да слуша од друга просторија, да ѕирка низ полузатворена врата, да ги види последиците (модринки, скршеници, емоциите), а може да биде присилено да гледа или да извршува насилство (најчесто кон мајка си), користено да „шпијунира“, да биде обвинето за насилството, да биде вклучено во истражна постапка и судки процеси.

    Секојдневните насилни ситуации кон децата се јавуваат во различни форми: закани од таткото дека ќе ја убие мајката, закани на еден од родителите дека ќе изврши самоубиство, спречување на децата да одржуваат контакт со другиот родител, навредување, омаловажување, присилно одделување од едниот родител (најчесто мајка) и сл.
        Во најголем број на случаи насилството кон децата е тесно поврзано со насилство кон жените (мајките) и во тој контекст претставува стратегија за контрола, заплашување и принуда на жените (мајките) од страна на сторителот и претставува тн тангенционално злоставување на жените или присилна контрола, како што Еван Старк (Evan Stark) во својата книга „Како мажите ги заробуваат жените во секојдневниот живот“ ( Coercive Control: How Man Entrap Woman in Personal Life) го нарекува овој феномен.

    ШТО Е ТОА ПРИНУДНА КОНРОЛА?

        Принудната контрола е кога личноста со која сте блиско поврзани, постојано се однесува на начин кој ве тера да се чувствувате контролирани, зависни, изолирани или исплашени.
    Се јавува во повеќе форми и тоа:
    •    Ве изолира од системи за поддршка. Насилниот партнер ве разделува од пријателите и семејството или го ограничува вашиот контакт со нив за да не ја добиете поддршката која ви е потребна.
    •    Ја набљудува Вашата активност во текот на целиот ден.
    •    Ја одрекува Вашата слобода и автономија. Личност која врши присилна контрола може да се обиде да ја ограничи вашата слобода и независност. На пример, не Ви дозволува да одите на работа или на училиште, Ви го ограничува пристапот до транспорт, ве демне Вас и секој Ваш потег кога ќе излезете, го контролира Вашиот телефон, има пристап до Вашите лозинки итн.
    •    Гаслајтинг - каде што насилникот ве тера да се сомневате во сопствената вистина, искуство и здрав разум, инсистирајќи на тоа дека секогаш е во право и инсистира на своја вистина за ситуацијата, дури и ако доказите укажуваат на нешто друго. Гаслајтингот во суштина, се заснова на лаги и манипулација на вистината. 
    •    Ве етикетира, навредува и критикува, како и злонамерни „спуштања“ муабети и сарказми.
    •    Ви го ограничува пристапот до пари и контрола на финансиите. На овој начин ја ограничува слободата на партнерката и ја задржува во врската. Ова го прави на неколку начини: ограничување на буџетот, ограничување на пристап до банкарски сметки, крие финансиски средства, Ве спречува да имате кредитна или дебитна картичка, ги контролира Вашите трошоци и сл.
    •    Ве принудува да се грижите за сите домашни активности како што се чистење, готвење и грижа за деца без да ја споделувате одговорноста и задачите кои се вклучени во овие обврски.
    •    Ги свртува децата против Вас, на начин што коментира и Ве критикува пред нив, Ве омаловажува, Ве нарекува лош родител, ненормална, болна, нестабилна и сл.
    •    Го контролира Вашето тело и здравје, така што следи и контролира колку јадете, спиете, вежбате или колку време поминувате во тоалетот, кои лекарства ги примате, каде се обраќате за лекарска помош и сл.
    •    Ви приредува љубоморни сцени и Ве обвинува за времето кое го поминувате со поширокото семејство, пријателите или колегите. Превзема активности за етапно да ги отстрани од Вашиот живот, зборува против нив, ги напаѓа, ги омаловажува и се труди да Ве сврти против нив. Најчесто тоа се случува низ призмата дека тој се грижи за Вас, за разлика од другите.
    •    Го организира Вашиот сексуален живот, во однос на зачестеност, начин, време и сл.  
    •    Користи закани како форми на заплашување. Најчесто се заканува со децата, дека ќе ги одземе, ќе ги повреди, ќе ги убие, ќе се самоубие и сл.

    ПОСЛЕДИЦИ КАЈ ДЕЦАТА

        Последиците кај децата жртви на семејно насилство се различни и опфаќаат: телесни тегоби, промени во навики, неадекватна рана социјализација, потешкотии со внимание, концентрација, намалени постигнувања на училиште, емоционални потешкотии, ниско самовреднување и самодовера, промени во однесување, злоупотреба на алкохол, дрога и наркотици, се јавуваат низа симптоми на посттрауматско стресно растројство во вид на анксиозност, депресивно расположение, стравови и фобии, агресија, бес, импулсивни реакции и сл.

        Во екстремни ситуации, кога децата се сведоци на насилство кон мајката се јавуваат негативни промени во однесувањето, низ различни форми на ектернализација и тоа: напади на бес, импулсивност, хиперактивност, агресивност, конфликти со сиблинзи или врсници, садистичко однесување кон животни, насилство, кршење на законот и сл. Можни се несакани последици од интернализирани симптоми во вид на телесни потешкотии, пореметување на сонот, отежнато спиење, панични напади, страв од разделба, социјално повлекување и изолација, депресија и сл.

    НЕГАТИВНИ ПОСЛЕДИЦИ ВРЗ ЦЕЛОКУПНИОТ РАЗВОЈ НА ДЕТЕТО

        Растејќи во насилно окружување низа базични потреби не биле задоволени на адекватен начин. На овие деца не им е пружена доволно емоционална и психолошка грижа, загрозено е нивното чувство за безбедност, сигурност, поврзаност, нарушена е нивната базичната доверба, не се случил адекватен развој на емотивни врски со блиските членови, им недостасуваат модели на однесување и сите овие околности се значајни ризик фактори кои можат да доведат до појава на рана агресивност, емоционлна дисрегулација, компромитирана е способноста за емпатија, поврзаност, припадност, регулација на афект, недоволна компетенција и автономија. 
        Многу често овие деца се ставени во позиција на инверзни улоги, односно тие се родители на своите родители (во литературата оваа позиција се вика парентифицирано дете), што значи дека границите и автономијата се нарушени, детето е оптеретено со задачи кои не одговараат на неговата развојна фаза, што доведува до преоптоварување и континуиран стрес кој подоцна се одразува на развојот на целокупната личност.

        Во едно истражување во Србија спроведено во 2013 година, мајките испитанички и самите жртви на насилство потврдуваат низа штетни последици кај своите деца: промени во исхрана (29%), потешкотии при заспивање и спиење (28%), ноќно мокрење (20%), чести главоболки (11%), страв (63%), напнатост и нервоза (56%), избегнува контакт со таткото (43%), страв од таткото (66%), беспоговорна послушност (33%), слаби школски достигнувања (37%), слаба концентрација (36%), намалени социјални контакти со врсници (17%), агресивно однесување (13%), жртви на врсничко насилство (7%), а има евиденција дека избирале насилни партнери во раните партнерски врски.

    НА КОЈ НАЧИН ДЕЦАТА СЕ СПРАВУВААТ СО НАСИЛСТВОТО?

        За овие деца е тешко да воспостават баланс меѓу потребата да управуваат и ја контролираат својата околина и сратегиите за преживување. Генерално се опишуваат две стратегии: претерано добро прилагодено дете и хиперактивно и деструктивно дете, меѓутоа во пракса овие две стратегии се менуваат зависно од контекстот. 
        Дополнително, децата се заштитуваат на тој начин што избегнуваат да се најдат во ситуации на насилство, наоѓаат оправдувања или ги минимизираат штетите, простуваат на насилникот, одбиваат да зборуваат за насилството, а понекогаш и се вклучуваат директно како медијатори или заштитници на жртвата.
        Она што им помага на децата е нивната сила, отпорност или резилиентност. Таа зависи од личните особини, но и од окружувањето: вештини за решавање на проблеми, автономија, социјални способности, смисла, доживување на иднината, оптимизам, самопочитување, самоконтрола, проактивност, внатрешна мотивација, надворешен локус на контрола (не се обвинува, не се самосожалува), однос со ненасилниот родител, грижа, комуникација, топлина од другиот родител, но и од поширокото семејно окружување, граници, авторитет и сл. Значаен ресурс е училиштето, спортот и други актвности.

        Важно е да разбереме дека средина во која децата не се изложени директно на насилство, на начин да бидат физички, сексуално или вербално злоупотребени, но се изложени индиректно како сведоци и тоа на насилство кон важна фигура – родител,  за децата претставува контекст во кој децата се наоѓаат во континуиран стрес и развојна траума која остава долгорочни последици врз целокупниот развој на детето.

    Ние како родители постојано треба да имаме на ум дека наша беше одлуката  да ги донесеме децата на овој свет и со таа одлука превземавме одговорност да им овозможиме најдоби услови за раст и развој. 
    Тоа првенствено значи секојдневно да ги задоволуваме нивните базични потреби за љубов, внимание, грижа, сигурност, безбедност, прифаќање, валидација, автономија, независност, игра, спонтаност, забава и повтоно љубов.

    Пријави насилство и злоупотреба на деца:

    •    Ало Бушавко 070390632
    •    СОС Детско Село -  Пријави случај на загрозување на безбедноста на децата - СОС Детско село (sos.org.mk)
    •    Министерство за труд и социјална политика
    •    Пријава на семејно насилство по региони
    •    http://www.mtsp.gov.mk/ns_article-prijavi-semejno-nasisltvo.nspx
    •    Националната бесплатна мобилна СОС линија за жртви на семејно насилство Дежурни телефонски броеви: 070/075/077 141 700
    •    Специјализиран тим за постапување по итни предмети од ранливи категории – Скопје (деца на улица, бездомни лица, семејно насилство, нереализирање на видувања, питачење, полов напад над деца, малолетничка деликвенција и сите останати групи на граѓани во состојба на ризик)
    •    Дежурни телефонски броеви: 078/230 943, 076/381 762
    •    Полиција 192
    •    Народен правобранител – Одделение за заштита на правата на децата
    •    Телефонски броеви: 02/3129 327, 02/3129 335
    Електронска адреса: [email protected]
    •    Прва детска амбасада во светот – Меѓаши             
    •    СОС телефон за деца и млади: 0800 1 2222 (бесплатна линија)
    •    Отворена Порта – Здружение за акција против насилство и трговија со луѓе
    •    Бесплатна СОС линија: 0800 11111
    •    Кризен Центар Надеж – Здружение за заштита на граѓани жртви на семејно насилство
    •    Национална СОС линија: 02/15 315 и Телефон на доверба: 02/3 173 424 
    •    Македонско здружение на млади правници (МЗМП) и СОС Детско село – Правна поддршка на ранливи жртви на насилни кривични дела
    •    Правна поддршка: 075/238 837 и
    •    Психолошка поддршка: 071/277 180

     

    Драгица Стаменковиќ
    Лиценциран психолог
    Семеен и системски психотерапевт под супервизија
    ICI Coach