Стојковски: „Ред за Куманово“ нема алтернатива – времето за промени е сега
Независната граѓанска иницијатива „Ред за Куманово“ синоќа во МКЦ „Козјак“ ја промовираше својата програма и ги претстави кандидатите за градоначалник и советници на претстојните локални избори.

Пред присутните се обрати кандидатот за градоначалник Горан Стојковски – Диро, кој истакна дека нивната идеја настанала како резултат на погрешното управување со општината од страна на политичките партии, кои, поради својата неспособност и целосното отсуство на волја, не направиле ништо за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.
Стојковски посочи дека граѓаните сега имаат избор и треба да го искористат, односно масовно да излезат на гласање, бидејќи изборната апстиненција им користи само на функционерските гарнитури кои не носат никакви промени за обичниот човек.
Во своето обраќање, Стојковски потсети дека голем дел од младите семејства веќе се надвор од државата, а причината не е само егзистенцијална, туку пред сè – недостатокот на нормални услови за функционирање и напредување.
„Ние што сè уште сме тука, планираме да останеме и не се предаваме. Сакаме да ја градиме својата приказна во овој град, но мора да знаеме дека шансите за промени кои ќе дадат резултати не се неограничени, доколку не дејствуваме навреме и не работиме заедно. Ние сме овде, собрани околу независна опција, одлучни сме и побројни, а тоа ќе го покажеме на избори, затоа што нема ништо посилно од идејата на која ѝ е дојдено времето. „Ред за Куманово“ нема алтернатива и ние ќе опстоиме на идејата за рационално, стручно и некорумпирано управување со градот. Времето е денес, сега и веднаш,“ рече Стојковски.
Тој истакна дека со него се луѓе од различни партии, но и од невладиниот сектор, бизнис-заедницата и непартиски граѓани. Она што ги спојува, како што рече, е вербата во себе и во подобро утре.
„Светот им припаѓа на храбрите. Заедно ќе победиме и ќе го водиме Куманово во насока на нови политики, нови вредности, приоритети и решенија. Ви го нудам својот личен кредибилитет, достоинство, професионалност и знаењето на сите овие луѓе што се со мене. Ве повикувам сите да бидете дел од големата победа на 19 октомври – за Куманово кое ќе биде експедитивно, функционално и достојно за живот на сите нас,“ истакна Стојковски.
Според него, Куманово не смее повторно да се остави на избор меѓу трет мандат на Димитриевски и четврти на Зоран Дамјановски – Циц.
Тој потсети дека пред четири години, заедно со своите први соработници, дале поддршка на друга независна група, затоа што верувале дека намерата е искрена и чесна. Но, она што се случило по победата, како што рече, не е нивен срам и не значи дека на овие локални избори нема да продолжат да се борат за истата идеја – ослободување на институциите од партиски притисок.
Носителот на советничката листа Иван Петковски ги повика младите да се вклучат во промените, да преземат одговорност и да го придвижат градот напред, бидејќи тие се неговата иднина.
Тој истакна дека, како стоматолог, добро знае како треба да се соочи со проблемите, бидејќи болката не може да се игнорира – таа мора итно да се третира.
„Истото важи и за нашиот град. Ни треба ред, ни треба грижа, ни треба одговорност. Прифатив да бидам дел од „Ред за Куманово“ затоа што можам да помогнам во тој процес со целиот мој капацитет, знаење, енергија и љубов кон оваа заедница. Ќе работам за вас и со вас. Заедно можеме да го поправиме часовникот што стои, да го вратиме редот и да изградиме град на кој ќе бидеме горди,“ рече Петковски.
Тој најави почисти улици, побезбедни маала, функционални јавни услуги, транспарентни одлуки и совет што слуша – сето тоа со посветеност, работа и резултати. Додаде дека на нивната листа има наставници, лекари, уметници и работници кои ги знаат проблемите и се подготвени за нивно решавање.
Една од нив е и професорката Анита Цветковска, која кажа дека се приклучила на тимот затоа што верува во програмата на независната граѓанска иницијатива, а особено во идејата на Стојковски за воведување ред и создавање подобри услови за живеење во Куманово.
„Не сакам да верувам дека реката покрај која секој ден шетаме не може да се исчисти. Не сакам да верувам дека синот што го зел „бемвето“ на татко му и „лета“ по Октомвриска револуција со 100 на час не може да се казни. Сакам да верувам дека навистина има искрени луѓе. Особено ме инспирира Диро – човек кој ретко се среќава, човек кој го живее тоа што го зборува: ред, дисциплина, одговорност и труд. Ме инспирираа луѓе кои имаат вистински потенцијал и му мислат добро на Куманово, и затоа сум дел од оваа приказна,“ рече Цветковска.
Независниот кандидат за градоначалник Горан Стојковски – Диро на гласачкото ливче ќе биде под реден број 41, а листата на советници „Ред за Куманово“ под реден број 111.