Стотици ученици се вклучија во еколошката акција „Генералка викенд“ во Куманово
Денеска во Куманово по шести пат се одржа најголемата еколошката акција во земјата „Генералка викенд“.
Во акцијата учествуваа ученици од основните и средните училишта, институции, граѓански здруженија и невладини организации.
Се чистеше просторот пред Градскиот базен, спортската сала и долж кејот.
„Оваа година акцијата беше најмасовна, со околу 500 ученици и професори од сите училишта во градот. Радува фактот што интересот за ваквите акции е голем. Но, најважно е да се зголеми свеста кај граѓаните, бидејќи таа сè уште е на ниско ниво. И покрај зголемениот број поставени контејнери и корпи за отпадоци, околу нив често има купишта смет. Апелираме граѓаните да ја чуваат животната средина“, изјави Александра Протиќ, раководителка на Одделението за животна средина и природа во Општина Куманово.
Акцијата „Генералка викенд“ ја организира „Man and Mountain LLC“ од Австрија, со поддршка од ЈП „Чистота и зеленило“ – Куманово.
Во акцијата учествуваа и претставници на општинската администрација и Советот на Општина Куманово.
Еколошки акции денеска организираа и училишта, установи и институции.
Целта на акцијата е преку грижа за животната средина и заедничка одговорност да се подигне колективната свест и да се создадат подобри услови за живот за сите.