×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Стручната јавност и граѓаните незадоволни од квалитетот на реконструкцијата на малиот плоштад, надлежните ќутат

    26.09.2024 11:15 | Оливера Пешевска

    Квалитетот на материјалите и самата изведба во реконструкцијата на малиот плоштад во центарот на Куманово е многу лоша, непрофесионална и непримерна за вложување кое чини 850 илјади евра, е оценка на граѓаните, стручната јавност и советниците. 

    Стручната јавност и граѓаните незадоволни од квалитетот на реконструкцијата на малиот плоштад, надлежните ќутат

    Од она што може да се види на терен и што досега е сработено, плочките се нерамни по висина, различни по боја, квалитет и големина, а и изработката не е на највисоко ниво.

    Архитекти кои ги консултуравме сметаат дека грешката е направена уште во проектирањето на површината.

    „Првин во проектната документација мора да има точно наведени мерки и спецификации за секој квадратен сантиметар од површината. Лошо наместени плочки најчесто се резултат на недоволно набиен тампон, па и нивелацијата и падот на плочките е нерамен. Но, тоа е непрофесионално, како од изведувачот, така и од надзорниот орган. Не може надзорот или инвеститорот да чека да се приведе работата при крај, па тогаш да реагира за исправки, треба навремено да се корегираат сите грешки и недостатоци“, објаснува Билјана Дешевка- Величковска, дипломиран инжинер по архитектура и сопственик на Проектантско биро „Студио Кубика“.

    На струката и пречи и тоа што е избегнато чистење, реставрација и конзевација на спомениците на културата. Во вакви случаи се формира тим кој ја спроведува процедурата, запазувајќи ги сите нормативи за заштита на споменици на културата. Спомениците- потсетници на НОБ стојат прекриени со мов, саѓи, шкртаници, непримерно за историски постаменти.

    За тоа кој е одговорен за неквалитетот на градежните работи никој не сака да каже. Од компанијата „Ленди Груп“, задолжена за реконструкцијата на плоштадот рекоа дека ќе не контактираат за да одговорат на нашите прашања, но до објавување на текстот не се јавија.

    И градоначалникот Максим Димитриевски, избегна да одговори на прашањето на Кумановоњуз за неквалитетната изработка на плоштадот, кога имаше состанок на ЗЕЛС во Куманово. 

    Во документацијата на Биро за јавни набавки како надзорен орган над изградба на објекти во Општина Куманово е наведена фирмата „Карапанчевски компани“ од Скопје, фирма која наплаќа 2,74 милиони денари, поточно 45 илјади евра годишно.

    Незадовони од квалитетот на изработката на плоштадот се и советниците од опозицијата, кои веќе побарале одговорност и отчет за сработеното, но засега без успех.

    „Поднесов барање за тоа кој е надзорен орган на операторот на работите, законска обврска е да ми одговорат за 20 дена, ни по два месеца нема повратна информација. Градоначалникот 10 месеци не дошол на седница, иако има обврска еднаш на 3 месеци да присуствува и информира за текот на реализација на проектите од програмата. Прашував и порано, и сега планирам на првата наредна седница да побарам да се стави како точка на дневен ред. Последниот механизам е да се повикаат на одговорност- инвеститорот, или изведувачот, а најреално да преземе одговорност е надзорниот орган, но тој заклучок го носи Советот како колективно тело“, вели Миле Андоновски, од советничката група на СДСМ и коалицијата.

    Архитектите велат дека урбаната опрема која се поставува и на плоштадот, но и пошироко во градот е приказна сама по себе. Шаховска табла со фигури може да донесе привид на пренатрупаност, додека светскиот тренд на уредување на јавни прометни површини е концизност, едноставност и ненаметливост на опремата, клупи слеани со околината, зелени површини и дрвја кои би создавале сенки.

    „Не знам зошто не не консултираа нас, не се даде можност на проектантите од Куманово. Или, пак, бројните млади архитекти од градот, желни за докажување, полни со идеи, ентузијазам, енергија. Не се сомневам дека голем дел ќе се нафатевме и про боно да учествуваме во креирање на просторот за нашиот град, нашиот дом, простор кој ние и потомството ќе го користиме долги години“, децидна е Дешевска- Величковска.

    Иако реконструкцијата на плоштадот уште не завршен поставена е дел од урбаната опрема, која се оштетува од правот и временските неприлики. Иста така и плочките се веќе извалкни, замачкани со мастики и други лепливи матерјали.  Заштитаната ограда е тргната, па граѓаните слободно поминуваат и со тоа им пречат на работниците, но се изложуваат на опасност да бидат повредени.

    Првиот договор за реконструкцијата на малиот плоштад чинеше 47.6 милиони денари или 774 илјади евра, а сумата беше дополнета со 4 милиони денари, за да целиот проект на крајот чини 840 илјади евра. Работите започнаа во втората половина на јануари, а беа предвидени да завршат до крајот на летото. Поради недостиг на материјали и работна сила беше изгласано продолжување на рокот за завршување на градежните работи. Надлежните очекуваат дека плоштадот ќе биде готов до Денот на ослободување на Куманово - 11 Ноември.