Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Субвенции за клима уреди и за чистење на оџаците, поставување на прочистувачи на воздух во градинките и училиштата, како и замена на новогодишниот огномет со светлечко шоу со дронови, се само дел од предлозите кои ги дадоа граѓаните на вчерашната јавна расправа за намалување на загадувањето во организзација на Општина Куманово.
Овие и останатите барања ќе бидат вметнати во „Планот за подобрување на квалитет от на амбиенталниот воздух на Општина Куманово (2022-2026)“, кој е направен врз основа на анализи и работилници и граѓански форуми, организирани од Одделението за животна средина (ОЖС), а во соработка со Одделението за ЛЕР и Секторот за урбанизам.
„Дел од овие мерки се применуваат, како што е субвенционирањето на инвертер клима уреди, субвенционирање на приклучоци на гас. Спроведовме и едукативни кампањи за подигање на свеста кај најмладите и реализиравме пошумување преку проектот „Европската унија за чист воздух“ и во соработка со ЈП „Чистота и зеленило“ при што беа засадени 1.815 садници. Останатите предлози ќе најдат примена во наредниот период. За мерките кои до сега се спроведени веќе имаат повратни информации, и иако оценката е дека промените се спори, покажуваат ефекти“, рече Александра Георгиевска Протиќ од Одделението за животна средина.
Филип Стојановски од Центарот за климатски промени, ја оцени соработката со Општина Куманово како успешна.
„Особено ја поздравуваме поддршката за граѓаните преку субвенции за клима уреди и приклучок на гас, како и продолжувањето со пошумувањето. Интересен предлог од граѓаните е да се замени новогодишниот огномет со светлечко шоу со дронови, како и да се постават фотоволтаици на училиштата за зголемување на енергетската ефикасност — мерка која е веќе прифатена за реализација,
“, рече Стојановски.
Тој истакна дека проблемот со загадувањето на воздухот е заеднички за повеќе општини и дека е потребна заедничка акција и поголем ангажман од сите.
Проектот „Справување со загадување на воздухот“ е дел од Програмската рамка на УНДП, финансирана од кралство Шведска и кофинансиран од Општина Куманово. Двете страни обезбедуваат буџет од по 10 милиони денари, или вкупно 340.000 долари.