Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Субвенционирање плати,обука кај познат работодавач и практиканство, се три мерки што се активни во текот на месец ноември, објави Агенцијата за вработување.
Проектот се спроведува во рамки на ИПА програмата за активација на ранливи групи граѓани на пазарот на труд, финасиран од Европската Унија, а во согласност со Оперативниот план на агенцијата.
Со прво најавената мерка - субвенционирање на плати се предвидува финансиска поддршка на работодавачите од микро, мали и средни фирми, како и на социјални претпријатија и граѓански организации.
„На овие правни субјекти предвидено е да се даде финасиска помош во износ од 19 илјади ден на месечно ниво за период од 6 месеци за креирање нови работни места. Работодавачите кои ќе се вклучат во ова мерка по истекот на 6-те субвнционирани месеци се должни да го задржат лицето уште најмалку 3 месеци, така што вкупниот период на ова мерка е минимум 9 месеци“, појаснува Марија Димитријевска,раководител на Центарот за вработување Куманово.
За да можат да ги искористат субвеницонираните мерки , работодавачите треба да имаат најмалку еден вработен на неопределено време, да ги имаат платено сите придонеси , да оствариле добивка во 2022 година, но и да немаат намалување на просечниот број на вработени од минатата година до денот на аплицирање за мерката.
Со мерките обука кај познат работодавач и практиканство се дава можност невработените лица да дојдат до работно место преку обука кај конкретен работодавач во период од 3 месеци, или невработените лица да се стекнат со практични знаења и вештини во реален работен процес. За време на обуката невработените добиваат надоместок од 11 илјади денари бруто износ. За обуката кај познат работодавач фирмата добива 25 илјади денари по успешно обучено лице, а по нејзиното завршување е должна да го вработи лицето најмалку за период од 6 месеци со договор на неопределено време. За мерката практиканство, пак, работодавачот нема обврска за вработување на невработеното лице.
„Искуството покажува дека мерките ги даваат посакуваните резултати, затоа што голем број од лицата се вработуваат кај работодавачите, а има и случаи да се вработуваат во фирми со иста или сродна дејност. Со практичното искуство добиваат вештини и предност при вработување, што е и целта на мерките-обучените лица да се поконкурентни на пазарот на труд“, вели Димитријевска.
Целни групи кон кои се насочени активните мерки за ноември се корисници на гарантирана минимална помош, жени, млади до 29 години, Роми, лица со попреченост и долгорочно невработените лица.
Во Куманово во моментов има нешто над 11 илјади невработени лица.