×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Тече кровот на спортската сала во Куманово, кој се реконструираше пред 4 месеци

    14.04.2022 06:19 | Сузана Николиќ

    Протекува кровот на спортската сала во Куманово, кој беше поставен пред пред 4 месеци, како прва фаза од целосна реконструкција на овој значаен спортски објект во градот.  

    Тече кровот на спортската сала во Куманово, кој се реконструираше пред 4 месеци

    Проблемите на новата кровна конструкција ги обелодени советникот на СДСМ Мартин Захариев, кој вчера на седница на Совет го праша градоначалникот дали се работи за лош квалитет или грешка при монтажа на новиот покрив.  

    „Имаме информација дека кровната конструкција на спортската сала иако е нова веќе е подложна на санација, бидејќи поројните дождови минатата недела довеле до протекување во внатрешноста. Дали ова е точно, и доколку е точно дали се работи за лош квалитет или се работи за грешка при монтажа, и дали проблемот е саниран“, праша Захариев.

    Градоначалникот Максим Димитриевски потврди дека кровот протекува на едно место, и дека во моментот не се поправа, туку се доработува и корегира изведбата на која во изминатиот период имало повеќе протекувања на вода. 

    „Општината нема потпишаno документ за исплата додека не се направи технички прием, не само од платен надзор од општината туку чекавме во неколку фази поројни дождови за да видиме дали има пропусти. На првото тестирање имаше протекување на шест точки, па беше направена корекција, на вторите поројни дождови на три места, на третиот последен пороен дожд протекуваше на една точка и добивме ветување дека во следниот период ќе ја отстранат“, кажа Димитриевски.

    Тој додаде дека додека не се реши овој проблем нема да продолжи работата на поставување на нови подови, монтирање на столчиња и на спортскиот терен. 

    „Како и да е, кога работите на стар објект секогаш се случуваат вакви работи. Генерално кровот е покриен со многу квалитетни материјали, изведбата ја имаат заверено професионални фирми, надзорот е по јавна постапка кој е надзор на сите јавни објекти во делот на градот и верувам дека во следниот период ќе биде отстранет овој проблем“, изјави Димитриевски.

    Средствата за реконструкција на кровот се обезбедени преку проект на Североисточниот плански регион (СИПР) во висина од 320 илјади евра.

    Општина Куманово има сопствено учество над 10.000 евра, а останатите средства од околу 310.000 евра се обезбедени од програмата на регионален развој на 2020 година, на Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој.

    Проектот го изработи фирмата „Геинг“, а реконструкцијата ја вршеше компанијата „Изградба комерц“ од Скопје.

    Минатата недела при мало невреме падна дел од фасадата на објектот на Ученичкиот дом, кој беше реконструиран пред 1,5 година, поради што во јавноста се наметна прашањето дали и кој го контролира квалитетот на изведбите и користењето на матерјалите на приватните фирми кои работат на јавни објекти.