Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Тегла со чист воздух оставија членовите на ВМРО-ДПМНЕ на градоначалникот Максим Димитриевски и на локалната администрација на вечерашниот протест, за да ги потсетат на ветувањата од пред три години за решавање на проблемот со загадувањето на воздухот во градот.
- Оваа власт не така одамна во 2016 година пред да ја преземе власта во Република Македонија и Максим Димитриевски пред да седна во градоначалничката фотеља, од уста не ја вадеа темата за загадување на воздухот. Се изнаслушавме разноразни нивни планови и визии за решавање на овој проблем и за алпскиот воздух, кој само што не дошол во Македонија откако тие ќе дојдат на власт. Но на дело видовме неспособна власт која не може да се справи со загадувањето, - изјави Игор Божиновски, од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој додаде дека градоначалникот потрошил три години од неговиот мандат без да спроведе ни една мерка и ниту еден проект, пред се гасификацијата, кои ќе го намалат загадувањето во интерес на здравјето на граѓаните. Затоа најави дека во наредниот период ќе следат протести кои ќе го потсетуваат на неговите ветувања.
- Не случајно Куманово е во фокусот на ова тема бидејќи минатата зима беше лидер поради енормната загаденост со ПМ- 10 честичките, не само во Македонија и Европа, туку и во светски рамки, рамо до рамо со најзагадените градови во Индија. За жал песимистички се прогнозите и за оваа зима сега зајакнати со актуелната пандемија со ковид-19, - додаде Божиновски.
ВМРО-ДПМНЕ вечерва одржа протести против загадениот воздух во Скопје и уште четири градови во државата Струмица, Битола, Куманово и Тетово.