Три нови градинки, детски катчиња и тетар за деца, најави Сара Каревска, кандидатка за советничка на ЗНАМ
Сара Каревска – кандидатка за советничка на Движењето ЗНАМ во Советот на Општина Куманово, денеска на прес конференција најави нови проекти со кои се зголеми грижата за најмладите жители на Куманово.

„Три нови градинки, во населбата Зелен Рид, во урбаната единица „Бајрам Шабани“ и во населбата Карпош, реконструкција и проширување на капацитетите на постојните објекти на градинките со современи и функционални услови за престој на децата, стручно усовршување на воспитувачите за модерни воспитни програми и содржини, и доуредување на дворовите со нов инвентар и модерни реквизити. Зголемување на капацитетите за згрижување на децата во градинките. Нови детски катчиња и зони за игра и рекреација во секоја месна заедница, достапни за сите деца, со стандардизиран изглед и квалитетни материјали (нас. Карпош, нас. Ајдука Чешма, нас. Тоде Мендол, н. Добрашане, нас. Јане Сандански, нас. Зелен Рид, м. з. Тоде Мендол, централно градско подрачје и други локации). Дневен центар за дружење и едукација на децата“, кажа Каревска.
Таа додаде дека програмата предвидува и Театар за деца и анимации како дел од културно-едукативните содржини за најмладите, културен фестивал за деца на отворено – прослава на талентот и креативноста, детски спортски игри како поттик за здрав живот и спортски дух. Поддршка за децата од ранливите семејства и еднакви шанси за сите, активности за прифаќање на различностите и промоција на другарство, со цел намалување на булингот како девијантна општествена појава, субвенции за секое трето дете. Поставување урбана опрема за одржување на едукативна и спортска настава на отворено на локалитет Студена Вода, како и поддршка на повеќе едукативни прошетки и истражувања на природата.
"Грижата за децата не е само обврска, тоа е чест и должност на секоја современа општина. А тоа значи: безбедни улици, градинки и училишта, простори за игра, култура и спорт, активности што ќе ги охрабрат да сонуваат и создаваат", заврши Каревска.