Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Шестмина кумановци, пет жители на селото Ваксинце, двајца од Скопје, по едно лице од Матејче, Черкезе и Богданци и еден странски државјанин од Бангладеш, се уапсените во акцијата за откривање на лица што кријумчарење мигранти во кумановско.
Оваа криминална група, подолг временски период вршела криумчарење на мигранти од Сирија, Aвганистан, Пакистан, Судан и други земји, кои се наоѓале во Грција и сакале преку територијата на Македонија да заминат кон Србија, а од таму кон западноевропските земји. Членовите на оваа група делувале како дел од поголема меѓународна криминална мрежа, раководена од лице со прекар “Бангладеш“ кое подолго време престојувало во Ваксинце. Секој од членовите на групата имал различни задачи околу криумчарењето мигранти, за што наплаќале од 600 до 1000 евра по мигрант. Групата има воспоставено организациска структура, односно, постоеле организатори, кои воспоставувале контакт со лица во Грција барајќи заинтересирани мигранти, членови кои го спроведувале транспортот, возачи на товарни или патнички возила со мигранти, чистачи, лица кои организирале сместување, лица кои го вршале криумчарењето на мигрантите преку границата и лица кои примале и испраќале парични средства преку “Брз трансфер на пари“, а се стекнати од нелегалните активности.
При реализацијата на истрагата, завчера, околу 4,30 часот, кај село Доброшане е пресечен транспорт на седум мигранти од страна на три од пријавените лица, кои ги прифатиле мигрантите на место во близина на Богданци и преку Струмица, Штип и Свети Николе се упатиле кон Куманово.
Преземени се мерки и активности за претреси во вкупно 11 објекти, кои се во сопственост или се користени од страна на членовите на групата, при што во куќата на еден од осомничените во Ваксинце е пронајдена голема група мигранти. Групата броела околу 160 мигранти меѓу кои најмалото било девојче на возраст од 1,5 година, додека најстариот бил 37 годишен маж. Таму е пронајден и мигрантот со прекар “Бангадеш“, додека во останатите објекти пронајдени се и одземени: два пиштоли 7,65 мм (марка Црвена Застава и марка Взор), поголем број на мобилни телефони, таблети, СИМ картици, парични средства во износ од преку 20 000 евра, кои потекнуваат од кривично дело, четири возила со кои бил вршен транспортот и други предмети во интерес на истрагата.
Поднесени се кривични пријави против 16 лица, заради постоење на основано сомнение дека сториле кривични дела организирање на група и потикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти, потоа криумчарење мигранти и помагање.
Осомничени беа изведени пред надлежниот суд од чија страна им беше изречена мерка притвор. Во текот на операцијата на подрачјето на Куманово и околината, беа обезбедени 12 члена од групата, а по четворица кои сеуште се недостапни за органите на прогонот се трага.