×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • „Тротоарите не се паркинг!“ - петиција на граѓаните за ослободување на јавниот простор

    17.04.2025 10:18 | KumanovoNews

    Граѓаните доставија петиција до Советот на Општина Куманово во која се бара под итно да ослободат тротоарите од непрописно паркирани возила. 

    „Тротоарите не се паркинг!“ - петиција на граѓаните за ослободување на јавниот простор

    „Ние имаме добиено петиција од граѓани за непрописно паркирање на возила на тротоари, бидејќи не можат да се движат пешаците и доведена е во опасност нивната безбедност, здравје и живот. Истиот проблем го имаат и возилата на чистота бидејќи се паркира кој каде сака и кога сака и не можат да си ја извршуваат работата“, кажа советникот Миле Андоновски.

     

    Петицијата е веќе доставена до сите советници, како и до ЈП „Куманово- паркинг“ и другите релевантни сектори во Општината. Советниците најавуваат дека оваа тема ќе се најде на дневен ред на наредната седница, за да се најде решение на проблемот.

     

    „Не смееме да молчиме пред фактот дека пешаците се принудени да се движат по улици, наместо по тротоари. На крај на денот, секој што користи јавно паркинг место треба да си плати. Без разлика дали тоа е А, Б или Ц зона – мора да има ред,“ изјави претседателката Ивана Ѓорѓиевска.

     

    Граѓаните постојано бараат надлежните да го решат проблемот, но безуспешно. 

     

    „Движење со детска количка по тротоар е невозможна мисија. Не можам ни сама да одам, а замислете кога едното дете го држам за рака, а со другата ја туркам количка“, вели мајка која секојдневно мака мачи како да ги одведе своите деца до градинка по узурпираните тротоари.

     

    Возачите кои непрописно паркираат велат дека тоа го прават затоа што нема доволно паркинг простор во градот, нема катни гаражи,  туку се узурпирани улиците со паркинг места и тоа создава метеж. Дополнителнен проблем е што на тротоарите се поставени контејнери, урбана опрема на угостителски објекти, па нема простор за движење.

     

     

    Ослободувањето на тротоарите од паркираните возила и зголемување на паркинг местата, беше и едно од најчестите ветувања во предизборната кампања на сите политички партии во Куманово. Политичарите најавуваа остра и бескомпромисна борба со сите узурпатори на јавните површини, како и мобилизирање на сите надлежни институции во интерес на граѓаните. Но, откако заврши изборната еуфорија, надлежните си ја префрлаат одговорноста, па граѓаните својот револт го истураат на социјалните мрежи.

     

    Хаосот во сообраќајот посебно е изразен во летниот период кога во градот доаѓаат семејствата кои живејат во странство. Тогаш притисокот и потребата за паркинг е многу поголема, а незадоволството на граѓаните огромно.

     

    Општина Куманово, лани ни кажа дека има план да изгради три катни гаражи, но нема простор.

     

    „Невозможно е да се инвестира во моментов во урбана средина, која што е густо населена и нема слободни паркинг места. Во постапка сме за изместување на времените објекти зад градскиот плоштад, на  улица „Ленинова“, каде што доколку успееме ќе се отвори нов паркинг простор. Исто така се отстрануваат и диво поставените гаражи кај Економското училиште кај зградите К4, со што се создаваат услови за проширување на постоечките капаците за паркирање“, посочија тогаш од Oпштина Куманово.

     

    Политичарите во предизборната кампања на граѓаните им нудат невозможни решенија, па кога ќе дојдат на власт забораваат на ветеното, и така до следните избори.