Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
„Движење со детска количка по тротоар е невозможна мисија. Не можам ни сама да одам, а замислете кога едното дете го држам за рака, а другото го туркам во количка. Како мајка на две мали деца можам да ви кажам дека е греота што живееме во овој град“, вели Елена Трајковска од Куманово, која секојдневно мака мачи како да ги одведе своите деца до градинка по узурпираните тротоари.
„Очигледно надлежните не можат да ги разберат нашите маки. Тие даваат предност на автомобилите и се е подредено на нив. За да се прошири некоја улица се зема од тротоар, за да се направи паркинг се намалува зеленило, никој не мисли на потребите на пешаците“, додава револтирано младата мајка.
Нејзината забелешка е само една од многуте кои секојдневно ги имаат граѓаните на Куманово, во однос на узурпираните пешачки патеки во градот. Тие со години наназад се жалат дека не можат слободно да се движат, бидејќи тротоарите се претворени во паркинзи, или се зафатени со маси, столови и контејнери. Поради тоа мораат да одат по коловозите, а тоа ја намалува нивната безбедност. Само од почетокот на годината до сега повредени се 11 пешаци по кумановските улици. Особено е критично во централното градско подрачје, по тесните еднонасочни улички, каде што веќе има исцртани паркинг места. Единствени слободни зони во моментот се дел од тротоарите каде што се поставени заштитни столбчиња.
Пешаците со години наназад се жалат дека не можат слободно да се движат, бидејќи тротоарите се претворени во паркинзи, или се зафатени од контејнери. (фото: Кумановоњуз)
Селективно постапување или зајакнати контроли - Општината и МВР со различен став
Причините за хаосот по тротоарите и јавните површини е тоа што се паркира кој каде ќе стигне за да не плати паркинг, како и немањето доволно јавни гаражи и приватни паркинзи за станарите на новите згради. Во Куманово има околу 30.000 автомобили, а само 570 јавни паркинг места кои ги менаџира ЈП „Куманово-паркинг“.
Од Општина Куманово признаваат дека ова е долгогодишен проблем на кој континуирано работат, но и покрај тоа што се обидуваат да ги зголемат постоечките капацитети за паркирање, интензивно бараат и МВР да го подигне нивото на контрола за сообраќајните прекршоци – недозволено паркирање.
„Ние имаме и новo пајак возило на располагање, но на лице место има селективно постапување од страна на МВР кое што има директна надлежност во делот на санкционирање на прекршители во сообраќајот. Што се однесува до узурпацијата на јавните паркинг места, службите на јавното претпријатие се ревносни и редовно си ја извршуваат својата работа“, изјави Бисера Благоевиќ Арсовска, портпарол во Општина Куманово.
Oд МВР, пак, велат дека тие спроведуваат зајакнати акциски контроли и од почетокот на годината на подрачјето на Куманово изречени се вкупно 3.054 платни налози за сторен сообраќаен прекршок за непрописно паркирање, додека 2.770 возила биле подигнати со специјално возило „пајак“.
Ивана Младеновска, портпарол, СВР Куманово
„Посебно во овој период кога е зголемен приливот на возила, полициските службеници се распоредени на терен и согласно своите законски надлежности преземаат соодветни мерки доколку се случи сообраќаен метеж. Секојдневно се спроведуваат и зајакнати акциски контроли особено во делот на сообраќајот и се санкционираат возилата или пешаците кои не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи“, вели Ивана Младеновска, портпарол во СВР Куманово.
Таа додава дека Отсекот за превенција во непосредна комуникација со граѓаните, им укажува на правилата и прописите во сообраќајот, како да ги паркираат возилата совесно и одговорно, со цел да се ослободат тротоарите за пешаците, а особено на најмалите да им се овозможи безбедно право на движење.
Предизборните ветувања за сообраќаен ред колатерална штета на партиските разидувања
Ослободувањето на тротоарите од паркираните возила и зголемување на паркинг местата, беше и едно од најчестите ветувања во предизборната кампања на сите политички партии во Куманово. Политичарите најавуваа остра и бескомпромисна борба со сите узурпатори на јавните површини, како и мобилизирање на сите надлежни институции во интерес на граѓаните. Но, откако заврши изборната еуфорија, надлежните си ја префрлаат одговорноста, па граѓаните својот револт го истураат на социјалните мрежи.
Посебна приказна се узурпираните површини на улиците и тротоарите од сопствениците на куќи и згради, кои своите гаражи ги пренаменија во деловни простори или воопшто немаат изградено паркинзи. (фото: Кумановоњуз)
Градоначалникот Максим Димитриевски и неговата листа на советници „За наше Куманово“ во изборната кампања ветија ослободување на тротоарите од паркираните возила. Сега кога се на власт и треба да го реaлизираат ветеното, се жалат на опструкции.
„Ова ветување бавно се исполнува, затоа што нема никаква соработка со МВР и нема ревносна асистенција, согласно законски доделените надлежности од нивна страна. Ние работиме превентивно, но за жал репресивниот дел е во надлежност на Министерство за внатрешни работи. Веруваме дека тоа во иднина ќе се корегира“, одговорија од кабинетот на градоначалникот.
Во Куманово Димитриевски тера втор мандат, еднаш како кадар на СДСМ, а вториот со неговото здружение на граѓани „За наше Куманово“, во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, Алтернетива, Алијанса и Беса. МВР, пак, го води неговиот доскорешен партиски другар и сограѓанин, министерот Оливер Спасовски од СДСМ. Но, комуникацијата и соработката помеѓу двете институции наместо да биде на највисоко можно ниво, најчесто се одвива преку медиумите со меѓусебни обвинувања.
И додека надлежните си ја префрлаат одговорноста, пензионерката Љупка Митевска, смета дека за нерашавање на проблемот се криви и едните и другите. Неа не и е гајле кој за што е задолжен, туку бара простор и безбедност на тротоарите за себе и за своето семејство. Таа во префрлањето на вината гледа незаинтересираност на двете институции сериозно да се зафатат со решавање на овој проблем.
„Јас одам повеќе на улица отколку на тротоар. Децата ме караат дека ќе ме згазат некој ден, ама кај да се движам. Никој ништо не презема, полицијата не казнува. Треба да се договорат, си ги знаат обврските и ќе си ја завршат работата, а не да си тераат инает и политика“, вели Митевска.
Миле Андоновски, поранешен началник на СВР Куманово, а сега советник во опозиција во Советот на Општина Куманово, од Партијата на пензионерите, смета дека овде нема простор за префрлање на одговорност, бидејќи двете институциите имаат свои надлежности и треба да постапуваат по нив.
Миле Андоновски, советник (фото: Кумановоњуз)
„Полициската станица за безбедност на патен сообраќај треба постојано и интензивно да презема репресивни мерки кон оние несовесни учесници во сообраќајот и на тој начин да ја подобри безбедноста на пешаците како учесници во сообраќајот. А, Општина Куманово не смее да се крие зад тоа дека СВР Куманово има исклучива надлежност да презема репресивни мерки, туку со минималнo вложени средства да преземе превентивни активности, бидејќи очигледно е дека очекувањето дека свеста кај граѓаните ќе проработи не дава резултати. Еве земете го за примерот со тротоарите од „Пијано Престиж“ кон спортска сала. Таму тротоарите се заштитени со метални столпчиња за да не можат да се паркираат возила, но за жал, тие се запоседнати од сопственици на кафулиња, кои поставиле маси и столчиња, па повторно имаме иста последица. Таму исклучива надлежност е на Општина Куманово“, изјави Андоновски.
Од Секторот за инспекциски надзор при општина Куманово велат дека во однос на овој проблем тековно се постапува за било каква узурпација на јавните површини, во рамките на нивните надлежности и законски можности.
Тротоарите од „Пијано Престиж“ кон спортска сала се заштитени со метални столпчиња за да не можат да се паркираат возила, но тие се запоседнати од кафулињата со маси и столчиња. (фото: Кумановоњуз)
Катни гаражи засега само на хартија
Хаосот во сообраќајот посебно е изразен во летниот период кога во градот доаѓаат семејствата кои живејат во странство. Тогаш притисокот и потребата за паркинг е многу поголема, а незадоволството на граѓаните огромно.
Општина Куманово има план да изгради три катни гаражи, но за оваа година нема предвидено средства за таа намена, а немаат ни локација. Велат дека во изминатиот период ги зголемиле паркинг местата на неколку места во градот, а ќе работат и на изнаоѓање на нови. Една од следните е наплатата на паркингот кај спортската сала.
„Невозможно е да се инвестира во моментов во урбана средина, која што е густо населена и нема слободни паркинг места. Во постапка сме за изместување на времените објекти зад градскиот плоштад, на улица „Ленинова“, каде што доколку успееме ќе се отвори нов паркинг простор. Исто така се отстрануваат и диво поставените гаражи кај Економското училиште кај зградите К4, со што се создаваат услови за проширување на постоечките капаците за паркирање“, посочуваат од Oпштина Куманово.
Советникот Андоновски, пак, вели дека ова е резултат на тоа што политичарите во предизборната кампања на граѓаните им нудат невозможни решенија, па општината освен што нема доволно средства за изградба, не постои реално ни слободен простор каде може да се изгради катна гаража со значителен капацитет.
Тој ги потсети локалните власти за идејното решение кое се години наназад се провлекува, а тоа е подземна гаража на плоштадот кај Центарот за култура. Општината најавува реконструкција на тој плоштад, но повторно го заборава многу потребниот простор за паркирање.