Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Косовската полиција го уапси Сулејман Османи (55) од селото Брест, осомничен за терористичките напади во Куманово, кој и избега на полицијата.
МВР по Османи распиша меѓународна потерница преку Интерпол. Тој како припадник на елиминираната криминално-терористичка група во полициската акција во Куманово е осомничен за кривично дело тероризам. За него постојат сомненија дека учествувал и во нападот на Полициската станица Гошинце, во кој беше одземена поголема количина на оружје. Според информациите од Косово, Османи е лоциран од специјалните полициски единици во куќа во село близу македонско-косовската граница. При претресот кај него е пронајден и одземен и еден пиштол со муниција.
Од страна на Судија на претходна постапка, во отсуство на осомничениот му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена. МВР согласно законските одредби ќе го информира Министерството за правда на РМ за започнување на екстрадициската постапка.
Османи беше уапсен по акцијата во кумановската населба Тоде Мендол, меѓутоа успеа да побегне по пропустите направени од полициските службеници на терен, во моментот кога ја посочуваше локацијата на која било сокриено оружјето украдено од ПС Гошинце.
Против полициските службеници, задолжени за негово обезбедување од страна на Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при МВР, е започната дисциплинска постапка поради непрофесионално постапување.
Кон крајот на април годинава, неколку дена по нападот во Гошинце, во претресот во објекти во село Брест, сопственост на О.С. беа откриени и одземени две автоматски пушки 7,62 мм. со пет рамки и 100 куршуми калибар 7,62 мм. за автоматска пушка, две снајперски пушки 7,9 мм. со три рамки и 20 куршуми калибар 7,9 мм., 10 пиштоли М57-ТТ 7,62 мм. со 22 рамки и 9 куршуми 7,62 мм. за пиштол, футрола за пиштол, една радио станица со два полначи, маскирна униформа со ознаки од „УЧК“, како и делови од облека, и други предмети. Беше утврдено дека запленетото оружје е дел од оружјето одземено при нападот на Гошинце.