Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Симона Величковска, Милена Богдановиќ, Анастасија Анѓелковиќ, Софија Јовиќ, Лела Вељковиќ и Сара Величковска, сите ученички во основното училиште „Светозар Марковиќ“ во Старо Нагоричане, се вратија со награди и признанија од вториот „Вики камп“, кој викендов се одржа во Дојран.
Во конкуренција на 46 ученици од 10 основни и средни училишта во државата, ученичките покажаа извонредни резултати во пишување на статии за Википедија на македонски јазик.
- Симона Величковска освои прва награда со најголем број 30 поени и најголем број 36 создадени статии, втора награда со создадени 34 статии доби Милена Богдановиќ, четвртата награда им припадна на Анастасија Анѓелковиќ и Софија Јовиќ, а Лела Вељковиќ доби награда за најдобра статија за „Змеј од Бросно“. Награда за повеќе објавени статии доби и Сара Величковска, - вели Стојна Арсовска Доневска, професор по српски јазик, ментор на учениците.
Наградените ученички се членови на „Вики-клубот“ во Старо Нагоричене.
Вториот „Вики Камп“ за ученици го организира Здружението на граѓани „ГЛАМ“ Македонија од Скопје. Учесниците уредуваа статии на разни теми, а во текот на трите дена беа создадени повеќе од 300 нови статии на Википедија на македонски јазик, а најдобрите и најуспешните беа наградени.
„Вики Клуб“ е образовен дел од активностите на Здружението на граѓани ГЛАМ Македонија, што започнува да се реализира од октомври 2016 година. Идејата и целта на Вики Клубовите е да се привлечат нови уредувачи, да се создадат нови статии, како и да се подобрат постоечките на Википедија на македонски јазик, преку едукација на ученици низ Македонија.