Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Награди и признанија за првенците на генерацијата од основните и средните училишта во Куманово ќе се доделат на крајот на јуни, откако ќе заврши учебната година, а по повод 24 Мај - Денот на македонските просветители.
Прогласувањето го организира Здружение на просветни работници Куманово, училиштата и Секторот за образованите, и ќе се одржи во Занетчискиот дом во Куманово .
Дел од наставниците велат дека праксата која е воведена пред неколку години, ја прекинува традицијата наградите да се доделуваат на празникот - Денот на просветителите „Св. Кирил и Методиј“, како што беше порано, а како што е и во други градови во државата.
Организаторите, пак, велат дека го одложиле прогласувањето за да ги земаат во обзир сите награди и успеси на учениците.
„Ваквата пракса е воведена затоа што некогаш нијанси одлучуваат. Се чекаат резултатите од државните натпревари по било кој предмет за да се направи конечна процена. Од ова учебна година имаме и продолжена година, се распуштаме на 17 јуни, државните натпревари се уште траат“, објаснува Анита Димовска, претседател на Здружение на просветни работници Куманово.
Во дел од училиштата постои комисија која по правилник ги бодира сите освоени места, дипломи и успеси на пријавените ученици, со што се исклучува субјективноста како критериум. Затоа просветарите сметаат и дека ова е најфер и најлогичен начин за прогласување на ученикот кој со вложениот труд, упорност, талент и знаење се издвојува од соучениците.
Здружението на просветни работници во соработка со Сектор за образование договараат правилник, во кој таксативно и прецизно ќе бидат наведени критериумите по кои ќе се определуваат најдобрите наставници во градот.