×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Учениците од „Перо Наков“ и „Кочо Рацин“ останаа без бесплатен превоз

    15.03.2022 13:12 | Сузана Николиќ

    Дел од учениците од Средното училиште „Перо Наков“ и Основното училиште „Кочо Рацин“ останаа без бесплатен превоз, затоа што училиштата се уште не избрале нови превозници, откако им завршија договорите со старите потпишани по итна постапка. И во двете училишта јавните огласите се објавени и и тече жалбениот рок, но не се знае кога ќе завршат. 

    Учениците од „Перо Наков“ и „Кочо Рацин“ останаа без бесплатен превоз

    Учениците на „Перо Наков“ немаат превоз од минатата недела, а во „Кочо Рацин“ од вчера.  Поради новонастанатата состојба, повеќето од учениците доаѓаат на училиште на трошок на родителите, а некои следат онлајн настава. 

    Директорката на „Кочо Рацин“, Лидија Пешевска потврди дека во петок им завршил договорот со предходниот превозник и во тек е нова постапка.

    „Од вчера 228 учениците од Зелен рид и Доброшане немаат организран превоз. Меѓутоа само 60-тина ученици следат онлајн настава, додека останатите доаѓаат на училиште. Засега функционираме без проблеми, и постојано сме во договор со советот на родители за сите случувања околу превозот“, ни изјави директорката Пешевска.

    Родителите веќе реагираат на социјалните мрежи заради ускратувањето на правото за бесплатен превоз, кое ќе удри по нивниот џеб.

    Во економското училиште превоз немаат 400 ученици од населбите Карпош, Ајдучка чешма, Тромеѓа, Сопот и др, а другите се возат на веќе доделените линии.

    Проблемот со училишниот превоз е само дел од целокупниот хаос со јавниот превоз во Куманово, кој настана на почетокот на годината поради задоцнетата постапка, а дополнително се развлече по жалбите на незадоволните превозници кои учествуваа на тендерот. Од 1 февруари училиштата поединечно потпишаа договори со превозниците поради итност на работата, но тие имаа важност од само еден месец. Сега мораат да спроведат редовна тендерска постапка, која може да трае со месеци. 

    Од компаниите кои во моментот вршат ученички превоз, велат дека покрај овие две училишта од утре и во наредните денови ќе завршат договорите и во другите училишта меѓу кои Техничкото, Гимназијата, основните „Магдалена Антова“, „Кристија Карпош“ и др.

    „Во многу кус период во повеќето основни и средни училишта ќе нема бесплатен превоз, само затоа што не се донесува одлуката и не се завршува процедурата којашто веќе е отпочната, а може да се реши многу брзо само доколку се има воља“, кажа нивниот правен застапник Виктор Божиновски. 

    На барање на родителите со проблемот е запознаено и Министерството за образование.