×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Училиште „Киро Бурназ“ уште нема клупи и столчиња, наставата се одвива онлајн

    28.02.2024 09:48 | Оливера Пешевска

    Наставата во средното стручно училиште „Киро Бурназ“ во Куманово и во второто полугодие од учебната 2023/24 година се одвива онлајн, а не со физичко присуство на учениците, поради тоа што се уште не се обезбедени нови клупи, столчиња и табли, како и специфична опрема за двете лаборатории.

    Училиште „Киро Бурназ“ уште нема клупи и столчиња, наставата се одвива онлајн

    Услови има само за практичните вежби за услужните дејности – козметичка нега убавина и фризер, а се спроведува и дуалното образование, учење преку работа. 

    Градежните работите на училиштето започнаа во февруари 2022 година. Од училиштето велат дека проектот за реконструкција и адаптација на Регионалниот училишен центар „Киро Бурназ“ се одвива во две фази. Завршена е само првата фаза на објектите, а целосно финализирање на проектот е предвидено до крајот на 2024 година.

    „Набавка на опремата се одвива со тендерска постапка преку Министерството за образование и наука, таа изнесува околу 1 милион евра, и е во процедура. Според информации од министерството за скоро време, за еден месец, месец и пол би требало целосно да завршат постапките и да пристигне основната опрема, клупи, столчиња и табли. Остатокот од специфична опрема тековно ќе достасува. И на нас ни недостасуваат учениците, исполнето училиште па се надеваме дека се набрзо ќе заврши и ќе ги наполниме училниците“, истакна Весна Трајковска, директорка на училиштето.

    Учениците биле импресионирани од импозантниот објект, и она што имале можност да го видат внатре кога тргнале на училиште, но за жал не можат уште да го кроистата. Реконструкцијата на училиштето траеше цела година, при тоа комплетно е реновиран објектот, набавени се нови помагала, лаборатории, работилници, училници, опрема-училиштето беше презентирано како пример како треба да изгледа еден современ, модерен училишен центар по европски терк.

    Најзасегнати се најстарите ученици, кои повеќе од три години не се во училишните клупи, но како што велат веќе се навикнати на ваквата состојба.

    „Трета година по ред сум на олајн настава, кога се запишав во прва поради ковидот, минатата година поради реконструкција на училиштето. Професорите ни кажаа дека ова нема долго да трае. И учењето на далечина има свои предности, не губиш време во превоз, не стоиш на автобуска станица кога врне, вее или е премногу топло. Но, сепак поопширни и подетални се предавањата во училница, практиката која ја спроведуваме во лабораториите и кабинетите. Иако професорите многу се трудат дополнително да ни објаснат, имаат детални презентации и навистина не чувствуваме дека сме оштетени што се однесува на предавање и објаснување на наставниот материјал. Сепак би сакала да одам на училиште,ова е последна година, па полека започнуваме да зборуваме за матурата-и за полагањето, но многу повеќе за прославата“,  истакнува матурантка од четврта година.

    Училиштето свечено беше пуштено во употреба со почетокот на учебната година, а на отворањето присуствуваа тогашниот премиер Димитар Ковачевски, министерот за образование и наука Јетон Шаќири, како и други министри и пратеници од Куманово.

    Во реконструкција на училиштето „Киро Бурназ“ во Куманово инвестирани се 2 милиони евра, а вложени се и дополнителни 1 милион евра за набавка на современа опрема за работилниците и лабораториите. Извршено е и комплетно реновирање на интернатот. Најголем дел од финансиските средства се обезбедени од ЕУ, преку ИПА фондовите, а  дел се инвестиција на Министерството за образование и наука.