×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Учителки и наставнички на шестдневна осмомартовска прослава, наставата со замена и скратени часови, родителите лути

    11.03.2024 13:08 | Оливера Пешевска

    Учителки и наставнички од основно училиште во Куманово,  во четвртокот / 7 март/ заминале на шестдневно патување на Осми март, поради што учениците имаат скратени часови, се спојуваат по две одделенија или наставата ја изведуваат други вработени.

    Учителки и наставнички на шестдневна осмомартовска прослава, наставата со замена и скратени часови, родителите лути

    Родителите реaгираат на ваквата појава, бидејќи сметаат дека е нарушен квалитетот на наставата поради приватни празнични прошетки на наставничките. 

    „Повеќе учителки и наставнички заминаа во Јужна Италија во четвртокот напладне и ќе се вратат во вторник навечер. Им ги ротираа смените на децата и учат со скратени часови.  Направија невидена збрка, треба да ги земеме децата порано од целодневна настава, а ние сме на работа“, велат револтирани родители.

    Од ОУ „Кочо Рацин“ во Куманово потврдија дека на екскурзија заминале учителки, наставнички, заедно со директорката и други вработени во службата, но тврдат дека воспитно-образовниот процес се одвива непречено, часовите се покриваат со замена од колега од ист предмет или од стручната служба.

    „Четири наставнички и четири професорки се на патување, значи вкупно 8, а не 20. И за сите од нив е обезбедена замена од колеги, така да децата не се оштетени со „губење“ на часовите. Лично ме погаѓаат вакви инсинуации, ние сме едни од најуспешните училишта, а досега имаме извонредна соработка и меѓусебна и со родителите на учениците“, истакнува директорката Галаба Давчевска, во телефонски разговор.

    Поради прошетката на наставничките проблеми имале и вработените во градинката „Ангел Шајче“, каде се згрижуваат децата во дневен престој, бидејќи порано поаѓаат и излегуваат од училиште, па се создава гужва при делењето на оброци и сместување на децата.

    Луѓе од образованието велат дека ова не е нова појава во ова училиште, туку редова пракса која трае со години без никакви последици.
     
    Три дена од минатата недела отсуствувале и наставници во Гимназијата „Гоце Делчев“. Директорката Марија Тодоровска тврди дека 8 професори биле отсутни поради реализација на Еразмус проект, во Малта, и дека не станува збор за осмомартовско патување. Таа вели дека учениците не губела од наставата, спротивно на родители кои кажуваат дека имало прекин во наставата.

    Од Секторот за образование во Општина Куманово не гледаат проблем што учителки и наставнички се шетаат додека другите мора да работат.

    „Информиран сум дека немало прекин на наставата или не одржување на часови по некој предмет. Тоа за мене е најважно, воспитно образовниот процес е покриен интерно со колеги од спротивната смена или дел од стручната служба на училиштата“, изјави Александар Јовановиќ, раководител на Секторот за образование, при Општина Куманово.

     Според директорите на училиштата „Крсте Мисирков“, „Браќа Миладиновци“, „Толи Зордумис“ и „11 Октомври“, и во средните училишта „Перо Наков“, „Киро Бурназ“ и „Наце Буѓони“, кај нив нема отсутни вработени поради осмомартовски екскурзии.

    „Ние немаме ни скратени часови, работиме редовно, без прекини и замени. Сите колешки кои сакаат да прослават се организираат локално, во своето слободно време“,  истакна Јасмина Спасовка, директорка на ОУ „Браќа Миладиновци“.

    Една од директорките вели дека родителите сега се бунат за прошетка на наставниците, а кога ги ослободуваат децата под изговор дека ќе ги водат на здравствен преглед во странство, а потоа објавуваат слики од егзотични патувања не им смета.

    Повеќето граѓани, пак, сметаат дека просветните работници имаат повеќе слободно време од другите професии, поради летниот, зимски и пролетен распуст, па затоа треб приватните патувања да ги планираат во тој период.  Исто така, бараат да се поведе ред и да се санкционираат приватни екскурзии на учениците додека трае школската година, која е исто така лош пример за другите деца, а се руши и угледот на училиштата.