Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Станче Штерјовска и Хилда Димитриевска, наставнички во Основното училиште „Крсте Мисирков” Куманово се закитија со титулата „Најдобар наставник во поранешна Југославија“, на Меѓународната конференција на наставници и директори од поранешните југословенски простори, која се одржа од 20-23 октомври во Требиње БиХ, во организација на Асоцијација на најдобри наставници од Екс-Ју простори.
Наставничката, Јелена Мандиќ, од Основното училиште „Вук Караџиќ“, пак, доби признание Амбасадор за 5, како наставник, кој редовно учествува и ги промовира сите 5 конференции на АНН Екс-Ју.
Сите три, наградите ги добија за својата повеќегодишна работа и залагање, за добиени награди и признанија на меѓународно, национално и локално ниво, за учество во проекти и афирмација на својата професија. Тие зедоа активно учество на саемот на образование за што се здобија со диплома „Најдобро претставување на училишен проект“ и „Најоргинално спакувана мотивациона порака” на штандот „Македонија мотивира“.
Меѓународната конференција „Светот на образование ги брише границите“, се оддржа по петти пат, а присуствуваа околу 200 наставници од 6 држави со единствена цел, да се вмрежат наставниците и да се истакне значењето на образованието како важен сегмент во општеството.
„Асоцијацијата ми дава нови идеи, позитивна енергија и елан. Ја доживувам како големо семејство кое мотивира и инспирира. Наградата „Најдобар наставник во поранешна Југославија” ми причинува голема чест и задоволство, но и обврска да ја ширам мисијата и идејата за вмрежување и дејствување во својата средина и пошироко. Горда сум што го претставувам училиштето и градот во кој живеам, а мојата работа и посветеност некој ја препознал и вреднувал“, истакна Димитриевска.
Ентузијазмот кај овие наставнички е основната движечка сила која ги мотивира и инспирира „Од ентузијазам не се живее, но ентузијазмот гради мостови што живот значат“, е нивното мото.
„Уште со самата желба да станам член на Асоцијацијата на најдобри наставници, знаев дека соништата се остваруваат. Асоцијацијата е место каде што некој го гледа она што е длабоко во тебе, многу повеќе и од она што самиот го гледаш во огледало. „Кој верува во чуда, чуда и му се случуваат“ – беше моето мото на самиот старт со влегувањето како член на Асоцијацијата. Денес тоа само го потврдувам. Наградата „Најдобар наставник во поранешна Југославија” е само потврда на мојата посветеност кон работата. Таа е уште поголем предизвик да бидам подобра и со нови идеи да дадам нови димензии на воспитно-образовниот процес“, вели Штерјовска.
Учителките велат дека настанот бил одлично организиран со повеќе активности: панел дискусија на лидерите во образованието, саем на образование, посета на училишта, посета на народна библиотека, музеј, повеќе културно-историски споменици и реализирани работилници во амбиентални училници. Како круна на манифестацијата биле доделени престижните награди за најдобар наставник, најдобар директор во поранешна Југославија, како и Амбасадор и Амбасадор за 5.
Основачи на Асоцијацијата на најдобри наставници од поранешни југословенски простори се Жељана Радојичиќ- Лукиќ и Весела Богдановиќ, добитнички на многу престижни награди, меѓу кои и престижната награда Global Teacher Prize.