×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Улицата „Никола Тесла“ правена-недоправена, жителите се жалат дека ги скршија автомобилите

    15.04.2024 15:38 | Оливера Пешевска

    Жителите од „Никола Тесла“, селата Горно и Долно Којнаре, Речица се жалат дека поради оштетувања на коловозот имаат проблеми при двежењето на ова прометна сообраќајница во Куманово. 

    Улицата „Никола Тесла“ правена-недоправена, жителите се жалат дека ги скршија автомобилите

    На некои места има распукан асфалт, пропаднати делови или лошо нивелирање на шахтите, што им ги оштетува автомобилите.

    „Како со чеза да поминуваш, а не со автомобил. Некаде тампонот под асфалтот е пропаднат, оставија шахта на пониско, па подрипнува автомобилот, тоа е страшна работа. Тука поминуваат и редовни автобуски линии од и кон Република Србија, но никој не се замара поради нашите проблеми“, вели М. М., граѓанин кој живее на улицата.

    По реконструкција на водоводната мрежа левата страна на улицата е вратена во првобитната состојба. Асфалтираниот дел не е на иста висина со веќе постоечкиот, но проблем се направените косини за да можат жителите да паркираат во своите дворови и гаражи. По реакцијата на полицијата спречено е да се направат на сите куќи по должина на улицата, но веќе нанесениот асфалт си останал.

    „Тоа парче, триесетина сантиметри е неупотребливо, возилата кои се движат кон градот возат по средината на улицата за да не удрат во тие подигнати, направени косини. Има голема висинска разлика меѓу рабниците и улицата, соседите се сосема во право, но запреа некаде на половината, па сега пола од комшиите имаат влез во гаражите, ние останатите ќе купуваме нови гуми. Требаше да се стави уште еден слој асфалт, со дебелина од некаде 4-5 сантиметри, но и од тоа нема ништо“, истакнува уште еден револтиран жител на улицата.

    Улицата „Никола Тесла“ не е планирана за реконструкција и асфалтирање во Програмата за комунална инфратсруктура на Општина Куманово за тековата 2024 година. Единствено може да се санираат одделени делови каде има значителни оштетувања или дупки на коловозот.

    „По завршување на работите на инсталација на нова водоводна мрежа делот на кој е работено е вратен како пред изведување на работите. Дополнително асфалтирање, реконструкција или израмнување на пропаднатите делови од коловозот на таа улица не е планирана. За сите наведени интервенции потребно е првин да се направи планска документација, но ни тоа не е во програмата за ова, 2024 година“, одговори Момчило Јовановски, од Секторот за комунални работи.

    Во јуни 2023 година започна поставувањето на нова водоводна мрежа на улицата Никола Тесла, со должина од 1939 метри со јазли, 16 хидранти и реконструкција на 91 приклучок. Тоа беше проект на Владата и Министерството за транспорт и врски кои вложија близу 15,4 милиони денари (околу 250 илјади евра). Општина Куманово одвоји 3,9 милиони денари или околу 62,5 илјади евра, но обезбеди и дозвола за градење и техничка документација за проектот.