Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Отворен е патот за продлабочување на соработката помеѓу Фото кино клубот „Козјак“ Куманово и Фото клубот Марибор од Словенија, откако синоќа потпишаа меморандум за збратимување во Занаетчискиот дом во Куманово.
Соработката беше најавено уште на изложбата „Мајски салон“ која пред два месеца ја организираше ФКК Козјак, во рамките на одбележување на своето 75 годишно постоење и работење, кога со 30 дела се претсавија фотографите од Словенија, под името „Различни погледи“.
Ова е прво забратимување на фотографите од Марибор со еден клуб во Македонија.
„Соработуваме многу години, уште во поранешна Југославија. Посебно интензивни контакти оставруваме минатата година на Самитот на екс Ју фотографии во Лесковац, Србија. Таму и дојдовме на идеја, да направиме нешто заедничко. Така и дојде до овој договор за збратимување, кој ќе ни биде основ за соработка меѓу двата клуба“, изјави Милош Нешковски, претседател на ФКК „Козјак“.
Во Куманово допатуваа неколку долгогодишни членови на Фото клубот „Марибор“, кои се задоволни со остварените контакти и потпишаниот договор, кој ги руши границите и отвора пат за понатамошни заеднички проекти.
„На Фото клубот Марибор му е огромно задоволство што доби понуда да се збратимиме со Фото-кино клубот Козјак, Куманово и тоа го прифативме со отворено срце. Многу благодарама на претседникот на клубот Козјак, мојот другар Милош. Имаме направено една мнографија која со радост ја подаруваме на нашиот, сега братски клуб Козјак од Куманово“, истакна Миха Кацафура, претседател на Фото клубот Марибор.
Иако добро се познаваат со фотографите од градот и до сега неколку пати неформално соработувале, сепак Словенците се за прв пат во Куманово.
„Не знам зошто но, имав претстава дека градот е во рамница. Но, сега гледам дека имате ритчиња, и се уште не можам да објаснам зошто имав такво погрешно мислење, но така е. И многу ми е необично што тоа го гледам и колку се разликува замислата, илузијата од реалноста. Не е она што го очекував. Пријатно сум изненаден“, потенцираше Кацафура.
Тој вели дека иако тие се земја членка на ЕУ, уметноста нема граници, можеби политичарите ги имаат во своите глави, но уметноста не признава пасоши. Спопред него кумановските уметници можат да парираат на европските па и на светските.
„Многу сме блиски, затоа што многу пати до сега имаме соработка, заеднички изложби, се познаваме доста добро со повеќето од нив. Мислам дека најбитно е токму тој различен поглед, на македонските од словенечките, хрватските, српските, босанските и други уметници, поглед со кој различно гледаме на богатството кое го имаме.Сите си го вткајуваат она што го носат со себе-традицијата, преданијата, начинот на кој се раснати и одгледувани, воспитанието, културата на живеење“, објаснува Миха.
Неизбежното прашање за информатичко-технолошкиот напредок и популарноста на дигиталната фотографија или промоцијата на вештачката интелегенција, според нашиот соговорник нема да ја уништи фотографијата и уметноста воопшто.
„ Светот оди напред, тотално е без врска да стискаме кочници, или да велиме дека тоа не е во ред, светот оди напред и ние не можеме тоа да го сопреме, никако. И не треба. Сигурно има нешто што и треба да се отфрли од новото што доаѓа, но во суштина целиот тој процес си оди по природен пат и готово“, заклучува Миха и неговите колеги.