Уникатни археолошки откритија на Градиште кај Младо Нагоричане, пронајдени траги од ритуали и култ кон Деметра
Археолозите од НУ Музеј Куманово ги завршија годинашните истражувања на археолошкиот локалитет Градиште кај Младо Нагоричане, при што открија нови значајни наоди кои укажуваат дека на ова место во 4 и 3 век пред нашата ера се изведувале религиозни обреди и ритуални гозби.
„Истражувањата беа насочени кон секторот „Долна тераса“, каде во претходните години беа откриени карпести конструкции и камени тумули со голем број вотивни садови и ритуални јами. Новите ископувања дополнително го потврдија култниот карактер на просторот. Најзначајниот наод е фрагмент од питос украсен со отпечаток од прстен на кој е прикажано женско божество, најверојатно Деметра, со рог на изобилие во едната рака, додека со другата изведува либација – ритуално принесување течна жртва. Ова е силен доказ дека на локалитетот постоело светилиште поврзано со култот кон ова античко божество“, вели археологот Дејан Ѓорѓиевски, координатор на проектот.

Во непосредна близина, била откриена и помала просторија со големо количество животински коски од диви свињи, кози и друга дивеч, како и богата трпезна керамика од 4 и 3 век пред нашата ера. Меѓу пронајдените предмети имало увезени „west slope“ кантароси и гутуси, црнофирнизирани садови, амфори, хидрии, лампа и керамички фигурини.
„Особено вредни се остатоците од богато украсен дрвен кревет, меѓу кои профилирана ногарка и аплика со претстава на божество кое лежи на клине и држи фијала – ритуален сад за либација. Вакви предмети досега се познати од богатите гробници во Пела и кралските гробови во Ајга (Вергина). Иако градбата е скромна по својата архитектура, сметаме дека служела за ритуални јадења поврзани со обредите што се одвивале во светилиштето, слично на храмот на Деметра и Персефона во антички Коринт“, додава Ѓорѓиевски.

Од Музеј Куманово истакнуваат дека сите досегашни откритија – перистилната градба со обоен малтер, големиот број увезени амфори и луксузната керамика – сведочат за висок степен на развој на населбата и нејзината силна поврзаност со трговските и културните текови на Македонското кралство во 4 и 3 век пред нашата ера.
Следната фаза од истражувањата ќе биде насочена кон целосно истражување на новооткриените градби и проверка на претпоставката дека во овој дел од локалитетот постоел храм.
Ископувањата се реализираат во рамки на Годишната програма за работа на НУ Музеј Куманово, со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам.