×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Уникатни предмети од 4. век пред нашата ера пронајдени на локалитетот Градиште во Младо Нагоричане

    17.06.2024 15:37 | Сузана Николиќ

    Нови простории и уникатни предмети во голем резиденцијален објект, за кој се претпоставува дека бил палата која потекнува од крајот на 4 век пред нашата ера, пронашле кумановските археолози на локалитетот Градиште во селото Младо Нагоричане. 

    Уникатни предмети од 4. век пред нашата ера пронајдени на локалитетот Градиште во Младо Нагоричане

    Во ископувањата се откриени две странични простории во кои се најдени садови со втиснати печати, фрагменти од големи керамички питоси и траги од украсени ѕидови со боен малтер.

    „Едната просторија е откриена покрај големиот канал за вода, и веројатно се користела како магацин. На стабилната подлога од набиена земја, варовник и глина, биле ископани јами во кои биле поставени складишни садови, најчесто питоси, но и амфори. Во тој простор беше пронајдена амфората за вино со печат од островот Тасос, датирана кон крајот на 4 век п.н.е. Тука, исто така, пронајдовме фрагменти на уште неколку печатени садови, меѓу кои и монограм на владетел, производител или град, кој за сега е неидентификуван и без идентични паралели, како и печат од прстен со детална претстава на орел, аплицирана на помал складишен сад. Мотивот на орел е особено чест во нумизматиката на македонските кралеви, почнувајќи од Александар III Македонски, а доминира во претставите на последниот македонски крал Персеј“, изјави археологот Дејан Ѓорѓиевски од НУ Музеј Куманово, раководител на проектот.

    Тој вели дека предметите се уникатни, а принципот на украсување на садови преку отпечаток од прстен во хеленистичкиот период бил исклучително редок начин на украсување, кој се јавувал само во развиените производни центри.

    „Пронајдени се фрагменти од устие на питоси, на кои има изгравирано букви кои веројатно го следат грчкиот метрички систем за означување на количина и волумен. Иако, се работи за пропратна просторија во која не се живеело, и тука, како и во изминатите години, пронајдовме траги од украсени ѕидови со боен малтер, во вообичаената хроматика од македонските градови на југ. Пронајдоците повторно недвосмислено покажуваат дека оној која ја користел градбата целосно го адаптирал медитеранскиот начин на живеење во неидентификуваната тврдина на ридот покрај реката Пчиња“, додава Ѓорѓиевски.

    Втората откриена просторија во еден дел била вклесана во карпа и не се користела за живеење, туку како помошна, најверојатно за добиток.

    „Откриените слоеви во неа се покажаа неверојатно важни за нас и за првпат со сигурност ни покажаа дека постои понов слој на живеење врз спалената градба, со материјална култура која е очигледно многу попримитивна од нивнити претходници. Можеби станува збор за живеење од периодот на келтските населувања на Балканот, по македонско-римските војни, иако се уште ги немаме откриено најтипичните показатели за келтската материјална култура“.

    Ископувањата за оваа година се успешно завршени, но поради финансиските средства не се целосни, бидејќи овој локалитет треба да се доистражи за да се добие целосна слика за градбата која постоела на највисокиот дел од ридот.

    „Паралелно со истражувањата, за првпат во археологијата кај нас, се одвиваше и проектот за документирање на локалитетот и околината со дрон, па веруваме дека во комбинација со претходно добиените геофизички резултати од ГПР скенирањето, преку употребата на модерните технологии ќе добиеме значајни сознанија за да ги планираме идните ископувања“, вели Ѓорѓиевски.

    Проектот за ископувањата на локалитетот Градиште во Младо Нагоричане е финансиран од Министерството за култура.

    Археолозите од НУ Музеј Куманово на локалитетот Градиште во Младо Нагоричене работат од 2014, а на резиденцијалниот објект – палата последните 5 години.