Успешна крводарителска акција на УМС
Над 30 единици крв се собрани во првите два часа од крводрителската акција што ја организираше Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ во Центарот за култура Куманово.
Во акцијата учествуваа главно партиски членови, но и редовни крводарители и граѓани.
Има голем одзив на акцијата од граѓани кои сметаат дека со овој хуман гест ќе спасат нечиј живот. Паралелно со оваа акција спроведуваме и акција за доброволни прилози за помош на нашата сограѓанка Ивана Величковска. Оваа акција се спроведува на територија на целата држава организирана од општинските комитети на УМС со Институтот за трансфузиологија и Црвениот крст,- изјави Срѓан Ивановски, претседателот на УМС Куманово.
Од одзивот се задоволни и во Центарот за трансфузиологија.
Акцијата започна во 11 часот и веќе голем број дарители даруваа крв. Досега има собрано 30 единици крв, а се надевам дека до крајот бројот ќе биде над 60. Секоја капка крв е значајна и ситуацијата на терен е менлива и не може да се каже дали има доволни количини на крв,- вели Љиљана Славковска трансфузиолог.
Во летниот период зголемен е бројот на сообраќајни несреќи и ургентни случаи, а граѓаните одат на одмор, па затоа се потребни поголеми резерви од крв.