Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Одлуката на Општина Куманово ретроактивно да го намали процентот на искористеност на земјиштето за градба ја поништи Уставниот суд, затоа што смета дека води кон правна несигурност, а граѓаните ќе се соочуваат со тешко отстранливи последици.
„Во врска со предметот У.бр.82/2022 ве информираме дека Уставниот суд ја поништи Одлуката на Општина Куманово со која се овозможува да се градат станбени згради надвор од централното градско подрачје, односно: „Одлука за спроведување и планирање на површини на градење со намена А2 на парцели лоцирани вон централното градско подрачје во граница на градежен реон на Куманово, број 09-5643/4” од 12 јули 2022 година. Поништен е и Заклучокот бр.08-5915/1 донесен на 12 јули 2022 година за објавување на Одлуката во која се содржани оспорените одредби“, информираат со Судот.
Судот оваа Одлука ја оценува како спротивна на владеењето на правото предвидено во член 8 од Уставот, спротивна на член 51 и член 52 став 4 кој предвидува дека законите и другите прописи не смеат да имаат повратно дејство, како и спротивна на член 23 став 1, членот 24 и членовите 55 и 56 од Законот за урбанистичко планирање.
„ Уставниот суд оцени дека со Одлуката директно се влијае на веќе започнатите постапки за добивање на одобрение за градење и се наметнува обврска на граѓаните кои имаат започнати постапки, а не добиле потврда за заверка на проектната документација, повторно од почеток да ја почнат постапката“, стои во информацијата.
Уставниот суд смета дека ова води кон правна несигурност, а граѓаните се соочуваат со тешко отстранливи последици.
Советот на Општина Куманово оваа одлука ја донесе во јули годинава, и со неа се намалува процентот на искористеност на земјиштето за изградба на згради повисоки од 8 ката од 50 на 30 отсто, но не само на оние кои во иднина ќе градат, туку и за оние фирми кои веќе имаат добиени дозволи и ги започнале постапките.
Иако дел од советниците од опозицијата предупредија дека се работи за прекршување на законот и правото, владејачкото мнозинство го изгласа предлогот на градоначалникот.
(фото.архива)
2008 - 2023 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk