Велигденска традиција преточена во уметност

02.05.2021 12:18 | KumanovoNews

Традициите не само што симболизираат одредени верувања, тие го собираат семејството во домот, околу трпезата, што е многу значајно особено во овие времиња кога многу вредности почнаа да се губат, а семејството е коренот од кој се разгрануваме, светост која треба да ја почитуваме и негуваме.

Велигденска традиција преточена во уметност

Вака ја започнува својата Велигденска приказна Оливера Станковска од Крива Паланка, уметник, поет, прозаист, креативец, ментор на бројни креативни работилници, која има свој сопствен блог на кој Велигденската традиција зазема истакнато место. Нејзина пасија е сликањето на стакло и порцелан, изработка на најразновидни декорации, како и изработки во декупаж техника преку кои се изразува себеси и создава уметност.

„Преку уметноста се изразувам себеси, затоа настојувам да ја внесам во секој сегмент од мојот живот. Преку уметноста разговарам со животот, создавајќи  креативни дела кои ја откриваат мојата душа и личност. Сите ние размислуваме како да ни мине времето, но јас преку уметноста настојувам да го сопрам времето, да трае мигот, а јас да бидам присутна во неговата вечност. Љубопитноста постојано ме води кон откривање на нови за мене непознати работи, преку кои се надградувам како уметник и како личност“, вели Станковска за своето творештво.

За овој Велигден таа приготви нова серија на велигденски декорации претставени на нејзинот блог https://oliverastankovska.wordpress.com а ние ја прашавме од каде ја црпи инспирацијата за најголемиот и најсветол христијански празник.

„На сите големи празници им давам еднакво значение, но празникот Велигден кој е симбол на нов живот, кога го празнуваме Христовото воскреснување, буди во мене посебни чувства. Многу значајни мигови од мојот живот се поврзани со периодот на Велигден, пред се, раѓањето на моите деца. Можеби тоа е причината за мојата посебна наклонетост кон овој голем ден, како еден вид благодарност за убавините кои ми се дар од Бога. Растев во семејство од татко Велешанец и мајка Србинка, кои ги почитуваа традициите и обичаите на своите претци, а за среќа и во домот на мојот сопруг наидов на длабоко вкоренети традиции што сакам да им ги пренесам на своите деца. Тоа го правам преку она што што го сакам и што ми е задоволство- осликувањето на велигденските симболи во креативни композиции“, вели Оливера.

За празниците на поцелан и стакло ги слика симболите поврзани со празникот: вапсаните јајца, зајчето и пилето, но секогаш р`ти и млада пченица која ја декорира во велигденскиот дух.

„Пченичното зрно во христијанството е симбол на вечен живот, смрт и воскресение и затоа е секогаш застапено и во радосните и во тажните мигови. Да се р’ти пченица за Велигден е стар обичај. Освен што носи свежина како прекрасна декорација, таа е и симбол на почеток, нов живот. Постои верување дека колку се погусти и појаки стебленцата на житото, толку ќе биде поплодна годината. Во минатото тоа се однесувало на посевите и богатите жетви,“, вели Оливера.

Преку велигденските украси и празничната трпеза, таа настојува да внесе радост во домот и заедно со семејството, во среќа и благосостојба, да го обележат Христовото воскреснување.

„На Велики четврток, рано пред изгрејсонце го вапцам првото црвено јајце кое ја симболизира крвта Исусова, за здравје, среќа и бериќет во моето семејство. Според некои стари обичаи настојувам да каснам залче леб, да се свртам кон исток за да искажам благодарност преку кратка молитва, а потоа да започнам со вапцање на првото јајце кое го чуваме пред иконите, бидејќи според верувањата тоа е чувар на домот. Велики петок кога е строг пост од жал и тага за Исусовото распнување на крстот се смета за најтежок ден во годината и пожелно е да се помине во молитви и благодарност кон секого и за сe што имаме, зошто искажување благодарност секој човек го прави да биде посреќен. Во саботата ги правам крајните подготовки за празникот кога ги вапцам велигденските јајца. Иако повеќе сакам јајцата да се вапсани со црвена боја, сепак одвреме-навреме внесувам живост во боите кои со себе носат одредена симболика: црвената претставува крв, оган, пламен, виолетовата претставува смирение, покајание, а зелената ја претставува надежта за раѓање на нов живот. Првиот ден од Велигден го посветуваме на живите, во кругот на семејството со свечена трпеза на која неизоставен дел меѓу другото е Велигденската погача и вапцаните јајца,а вториот ден го посетуваме вечниот дом на нашите драги луѓе кои не напуштија, сепак и тоа е дел од овој наш овоземен живот. Жал ми е што овие две години, поради пандемијата, многу од заедничките празнични мигови кои ги одбележувавме со поширокиот круг од семејството и со пријателите, изостануваат “, раскажува Станковска.

Дружењето со уметноста за неа е еден вид медитација која, како што вели, носи чистина на душата, внатрешен мир и спокојство на што всушност упатува Велигден.

„Честопати слушаме за уметниците дека се чудни, сакаат да бидат сами, дури дека се луѓе кои се осамени, но јас не се сложувам со тоа. Кога еден човек ќе го пронајде својот душевен мир, тој никогаш не се чувствува осамен, се повеќе се отвара кон светот, но повремено сака да ужива во миговите на самотија, а не во миговите на осаменост. Постои разлика помеѓу овие два поими. Додека осаменоста е плачење над својата судбина и барање на виновници за таа состојба, самотијата ни овозможува да понираме длабоко во себе и на тој начин подобро да го разбереме светот, да се отвориме кон него и да ги трасираме своите чекори. Чудни се разговорите што ги водиме самите со себе додека твориме, тие нe доведуваат до многу одговори по кои сме трагале со години“, вели Оливера.

Моментите за создавање на оваа уметница доаѓаат сами по себе. Кога ќе се роди нова идеја во нејзините мисли, посакува веднаш да ја реализира.

„Постои разлика при изработка на креативни дела за комерцијални цели, тогаш претежно работам по шаблон и се концентрирам на она што се бара од мене, но кога сликам на стакло и порцелан со помош на мојата имагинација, тогаш излегуваат прекрасни рачно насликани парчиња или сетови кои дишат со некоја посебна енергија. Исто е и со пишаниот збор, одредени мисли се раѓаат во моменти кога не размислувам да пишувам и доколку веднаш не ја меморирам мислата, таа одлетува без да ја запишам. Секоја уметност бара длабока концентрација и секоја длабока мисла или идеја доаѓа длабоко од мене, како одамна да била вгнездена некаде во мене и чекала миг кога треба да излезе на виделина“, вели Станковска.

Таа секогаш била исполнета со убавина и љубов, додека трпеливо го отсликува својот свет на голото парче стакло или порцелан. Ги сонува своите соништа, но не дозволува тие да ја одвлечат во нереалниот свет. Ги собира делчињата од едноставните животни моменти и создава нова реалност преточена во прекрасни уметнички дела, кои мора да бидат совршени.

(Жаклина Цветковска)

2008 - 2021 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk