×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Велосипедистите се почесто жртви во сообраќајќи во Куманово, нема доволно велосипедски патеки и сообраќајна култура

    01.02.2023 08:23 | Оливера Пешевска

    По минатонеделната сообраќајна несреќа на булеварот „Октомвриска револуција“ во која загина велосипедист, во јавноста повторно се актуелизираше проблемот за безбедноста на велосипедистите во сообраќајот и (не)почитувањето на сообраќајните правила во Куманово.

    Велосипедистите се почесто жртви во сообраќајќи во Куманово, нема доволно велосипедски патеки и сообраќајна култура

    Според официјалната статистика на СВР Куманово, минатата година еден велисипедист го загубил животот, двајца се здобиле со тешки телесни повреди, а осум со телесни повреди во 11 одделни сообраќајни незгоди. Оваа година прва жртва е 70-годишен маж од кумановското село Режановце.

    Виновници за незгодите во кои на „удар“ се велосипедистите се посочуваат на двете страни - и меѓу возачите и меѓу велосипедистите, но и немањето на соодветна инфраструктура за безбедно движење низ градот и ниската сообраќајна култура.

    „Причини за настанатите незгоди се непочитувањето на сообраќајните правила и прописи и недоволен број на велосипедски патеки на подрачјето на Куманово“, информираат од СВР Куманово.

    Велосипедски патеки во општината има само на булеварите „Октомвриска Револуција“ и „Трета МУБ“, но и тие се узурпирани и не се во функција на велосипедистите.

    Оние што активно возат велосипед потврдуваат дека се соочуваат со многу пречки и се загрижени за личната безбедност на улиците.

    „За безбедно движење со велосипеди недостасуваат вело-патеки, а тие што веќе ги има се узурпирани од непрописно паркирани возила, високи тротоари за пристап помеѓу улиците, поставени контејнери, длабоки дупки по санација на подземни дефекти, расфрлан отпад. Голем проблем се и летните бавчи на кафулињата и рестораните кои се поставени на самите патеки или на тротоарите“, набројува само дел од проблемите велосипедист-рекреативец.

     

    На речиси сите велосипедски патеки поставени се контејнери, а на некои и сообраќајни знаци. (Фото:Кумановоњуз)

    Тој додава дека и пешаците не ги почитуваат коловозите и патеките наменети за овој вид превозно средство.

    „Левата страна, која е поблиску до коловозот е наменета за возење велосипед, а десната за шетање. Замолуваме граѓаните да ги почитуваат прописите и така ќе имаме слободен простор и слободно движење за секого“, упатува апел нашиот соговорник.

    Во исто време, пак, возачите и граѓаните ги обвинуваат и велосипедистите. Тие велат дека не се придржуваат до основните правила во сообраќајот, па наместо на велосипедските патеки каде што им е местото таму каде што ги има, тие возат по улиците и булеварите, со што самите се изложуваат на опасност, но и другите учесници во сообраќајот.

    „На „Октомвриска“ никој не вози по велосипедската патека. Велосипедистите се движат по коловозот, меѓу автомобилите, преминуваат каде што не смеат, ги прекршуваат сообраќајните правила. Често и возачите не го почитуваат ограничувањето на брзината, па, за жал, доаѓа до несакани последици во кои најчесто „жртви“ се велосипедистите, без оглед чија е вината за некоја сообраќајна незгода“, коментира постар кумановец.

    Ограничувањето на брзината на движење со велосипеди во градска средина е 25 км на час, а возачот и лицата кои се превезуваат со нив треба да носат заштитен шлем на главата, како и рефлектирачки елек за поголема забележливост во услови на намалена видливост. Но, велосипедистите ретко ги почитуваат овие прописи, освен спортистите кои, пак, главно возат вон градската средина.

    „Децата што тренираат кај нас, главно возат на помирни сообраќајници, како стариот пат до Старо Нагоричане или онаму каде што има помалку сообраќај. Иако секојдневно тренираат, за среќа, немаме немили настан. Тие се обучени да внимаваат на условите на патот и носат опрема која е забележлива од другите учесници во сообраќајот“, вели Марјан Петровски, спортски директор на велосипедскиот клуб „Вело М“ од Куманово.

    Во поголем дел од градот нема велосипедска инфраструктура па мора да се вози по коловоз. (Фото: Кумановоњуз)

    Граѓаните се прашуваат дали надлежните имаат капаците и волја да во воведат ред и да се справат со овој проблем.  Тие апелираат да се преземат конкретни мерки за санкционирање на сообраќајните прекршоци и од возачите на автомобили и од велосипедистите за да нема опасност за било кој учесник во сообраќајот. Истовремено бараат Општина Куманово да започне со санација, одржување и прописно обележување на вело-патеките, а пајак-службата и СВР Куманово да ги отстрануваат паркираните возила на јавни површини. 

    За разлика од другите градови каде што се поттикнува користењето на велосипеди и се субвенционира нивното купување, како најекономично и еколошко превозно средство, Куманово нема таква пракса. 

    Пред неколку години на булеварот „Октомвриска револуција“ беа поставени заштитни столбчиња за да се ослободат патеките и тротоарите, но во меѓувреме опремата се оштети, а од паркираните возила не можат да помина ни пешаците, а не велосипедистите. (Фото: Кумановоњуз)

    Општината минатата година донесе План за урбана мобилност, кој предвидува повеќе пешачки коридори, велосипедски патеки и затворање на дел од централното градско подрачје.

    Според планот најавен од Секторот за урбанизам, кружната велосипедска патека ќе почнува од кружниот тек на влезот во градот, ќе се протега долж булеварот „Трета МУБ“, ќе се спои со „Октомвриска револуција“ до Стара Бања, а ќе продолжи со кружното движење по булеварот „Октомвриска“, улиците „Доне Божинов“ и „11 Октомври“, и ќе заврши на кружниот тек од каде што почнува. По една година нема информации до каде е овој проек.