Внимавајте на убоди од инсекти во природа
Во овој период од годината убодите од комарци, оси, пчели, пајаци и други инсекти се честа појава, особено ако се престојува во природа.

Дерматолозите објаснуваат дека не секој убод од инсект е опасен по здравјето на човекот, и во најголем број случаи помага употребата на народни лекови, но кај оние што имаат изразена алергиска реакција неопходна е медицинска помош.
Најстрашни се убодите од оси и пчели, но ќе потенцирам само кај луѓе кои се многу осетливи. Не значи дека сите кои ќе ги касне пчела треба да креваат паника. Обично тие знаат дека ако претходно имале реакција, подготвени се да отидат веднаш до најблиската амбуланта или да се јават на лекар. Тие што подолго време се алергични, со себе обично носат адекватна терапија - изјави Виолета Кузмановска, специјалист дерматовенеролог.
Доколку при убодите од оса или пчела, покрај отокот на кожата се појави и гадење, грчење на мускулатурата, црвенило и други негативни реакции, тогаш под итно мора да се побара лекарска помош.