Во пет згрижувачки семејства во Куманово сместени се 14 деца
Во Куманово моментално има 5 згрижувачки семејства, а во нив се сместени 14 деца.

Oд Центарот за социјални работи (ЦСР) велат дека во категоријата роднинско згрижување функционираат 4 семејства, кои водат грижа за 9 дечиња.
Поради меѓуопштинската соработка во државата и брзата реакција на институциите нема незгрижени деца од општината.
„Кога е потребно згрижување на некое дете, веќе станува збор за ургентна ситуација. Деца од Куманово можат да бидат сместени во друг град во Македонија, исто како што кај нас се случува да има деца кои не се од тука“, објаснува Ремзија Муслиевска, социјална работничка од ЦСР Куманово.
Во вакви семејства можат да се згрижат деца без родители, деца со посебни потреби, жртви на семејно насилство, деца во ризик и деца во судир со законот. Со последните измени во законот дадена е можност за роднинско згрижување во рамките на поширокото семејството, како баба, дедо, брат, сестра, вујко, чичко или тетка.
Меѓу згрижувачките семејства се јавуваат бездетни сопружници, или оние кои се со синдромот на „празно гнездо“- возрасни деца, кои веќе формирале сопствено семејство и се отселиле. За да се стекне правото на згрижување треба да бидат исполнети ригорозни услови, детално се испитува стамбената состојба на пријавените, нивната психолошко и ментално здравје, дали се работноспособни и материјалната стабилност.
Во периодот додека се сместени во згрижувачко семејство за децата постојано се води грижа- социјалниот работник прави извештаи на секои 6 месеци во кои се утврдува ухранетост на детето, целокупната здравствена состојба, раст и развој на штитениците, условите во домот во кој се сместени.
Интересот за згрижување на деца постојано се намалува во речиси сите градови од државата, но не се констатирани точните причини за тоа.
„Има градови каде нема регистрирано ниту едно згрижувачко семејство, но на пример во помалите средини, како во Македонски Брод или Крушево има повеќе од доволно. Ние сме отворени за соработка, сите што ќе се пријават се разгледуваат како можност за вклучување во системот“, објанува Муслиевска.
1 Јуни е прогласен за Меѓународен ден на детето и Светски ден на згрижувачки семејства.